• недела, 22 декември 2024

Изложба на Вангел Наумовски во галеријата Остен

Изложба на Вангел Наумовски во галеријата Остен

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Во галеријата Остен како дел од ОСТЕН Биенале Скопје 2024, вечер ќе биде поставена изложбата на ликовниот уметник Вангел Наумовски. Во колекцијата на ОСТЕН се наоѓаат 65 дела од Наумовски - слики, цртежи и графики.

Наумовски е добитник на награда „Светско културно наследство“ и изложбата се поставува во негова чест со цел да се слави неговото творештво кое ја однесе македонската ликовна уметност во светот.

Вангел Наумовски е роден  во охридското село Скребатно 1924 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Потоа следувале нови изложби, награди и признанија.

Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделува наградата „Свадбен венец“. Истата година од градот Охрид ја добива наградата за сликарство „Седми ноември“ и тој почнува да се занимава исклучиво со сликарството како слободен уметник.

Во 1974 година, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанската академија за ликовни уметности (Academia Italia de belle Arti e del Lavoro), од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Награда на Италија“ (Premio d’ Italia) во 1980 година. На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил Откупна награда, а во истата година и Награда за цртеж од Музејот на современа уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Центар за студии и истражувања на нациите (Centro Studi e Ricerche delle Nazioni) му доделува „Светска награда за култура“ (Premio Mondale della Cultura) и „Статуа на победата 1984“ (Statuata della Vittoria 1984), a Европската академија од Италија наградата „Европско знаме на уметноста” со златен медал.

Наумовски има остварено над 30 самостојни и 100-тина групни изложби низ сите центри на модерната уметност како Париз, Рим, Лондон и Њујорк... а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот.

Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид. дма/лв/

Фото:  Галерија Остен 

Остани поврзан