• петок, 20 декември 2024

Деветнаесет години од смртта на Борис Трајковски

Деветнаесет години од смртта на Борис Трајковски

Скопје, 26 февруари 2023 (МИА) - Со положување на цвеќе од страна на државниот врв и од Собраниската делегација, денеска ќе се одбележи деветнаесет-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Во Бутел во Скопје на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, како и делегација на кабинетот на Претседателот на Северна Македонија предводена од претседателот Стево Пендаровски.

Исто така, во Бутел цвеќе ќе положи и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од Славица Грковска, заменик претседател на Владата, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт. Потоа, делегација на АРМ предводена од Генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштаб, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

На градските гробишта во Бутел цвеќе ќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во состав Снежана Калеска-Ванчева и Тони Јаревски.

Во Струмица  на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата на Северна Македонија предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе владина делегација во состав од Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија и претставници од кабинетот на претседателот на Северна Македонија Катерина Цаневска Арсовска, советник на Претседателот на Република Северна Македонија, Полковник Билјана Блажевска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.Како што е најавено, во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина. 

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.

Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.мс/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан