• петок, 22 ноември 2024

Национален консензус за одржлив напредок и предвидливост на реформите на патот кон ЕУ

Национален консензус за одржлив напредок и предвидливост на реформите на патот кон ЕУ
Скопје, 1 ноември 2022 (МИА) – Одржлив напредок и предвидливост во реформската агенда и пристапниот процес кон ЕУ за земјата е можен доколку усвојувањето на реформите стане проект на национално ниво, кој што ќе ги вклучи Владата, опозицијата, сите државни институции, НВО и бизнис заедницата, порача евроамбасадорот Дејвид Гир. За власта процесот на преговори ќе биде тежок, преговорите ќе бидат мачни, но наградата е членство во ЕУ, бидејќи македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ. Шефот на Делегацијата на ЕУ амбасадорот Дејвид Гир вчера во Собранието на презентирањето на Извештајот на ЕК за земјата за 2022 година, порача дека повеќе од кога било тоа е упатство наменето кон целата земја за како да се напредува во процесот на пристапување во однос на многуте реформи за влез во ЕУ, кој ги вклучува сите општествени чинители, а пред се, кон Владата, но и кон Парламентот, кој ќе има многу важна улога во пристапниот процес. -Многу внимание е посветено на овие опсервации со оглед на важната улога што Парламентот ќе ја игра во процесот на пристапување. Но, ова е дел од поголема појава на политичка поларизација на пошироко ниво што бара напори од сите политички чинители за да се залечи...Заеднички напори на сите политички партии се приоритет со цел да се зајакне клучната улога на Парламентот како еден столб на политичкиот дијалог. Денешната сесија е уште еден пример за подготвеност да се соработува меѓу различните страни во Собранието, рече Гир Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач Бојан Маричиќ ја истакна генералната оценка на Извештајот на ЕК дека во околу 90 проценти од областите имаме делумна или добра подготвеност и го подвлече ставот на Владата дека треба да се искористи овој моментум и да га покаже целиот свој потенцијал преку забрзување на реформите. Тој повика на обединување и консензус на сите политички сили во Парламентот за постигнување на оваа тридецениска цел шчленство во ЕУ до крајот на оваа декада, односно до 2030 година, како што се обврзавме и на првата Меѓувладина конференција. -Очекувам целосна посветеност од ваша страна и подадена рака за заеднички да ги славиме успесите и надминуваме предизвиците кои следат на евроинтегративниот пат затоа што само обединети ќе може да ја постигнеме оваа национална задача. Неопходен консензус и за реформите и за успешно завршување на преговорите, рече Маричиќ. Пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата, пак, си разменија обвинувањата за тоа кој е причина за слабите оценки за функцинирањето на Парламентот. Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во своето обраќање со став дека се повикува процесот да не се партизира, а вели, имаме партиски преговарач, поради што оцени, постои недоверба во евроинтегративниот процес. Тој презентираше компаративна анализа за Извештајот на ЕК за земјата за 31 област, според која Северна Македонија во пет позиции бележи оценка нула или нема напредок, а во 10 оценка 1 односно незадовоилителен напредок, а Собранието, вели, е оценето со најниска оценка во однос на последните четири години. -Ова е прв Извештај, во којшто за жал Собранието е оценето со пониски оценки и е забележана злоупотребата на европското знаменце за предлог закони кои немаат никаква врска со европската регулатива туку имаат врска со интересите на одредени политички или бизнис групи… Ова Собрание за жал ја губи позицијата токму поради владејачкото мнозинство, како контролен механизам на извршната власт. Пет интерпелации кон министри од извршната власт беа поднесени од страна на опозицјатра, а само за две интерпелеации се дебатирашање и имаше гласање, рече Милошоски. Снежана Калевска Ванчева од СДСМ подвлече дека Извештајот на ЕК е водич за натамошната работа на институциите, но особено тоа се однесува на Собранието како највисок законодавен дом кое има клучна улога во европинтегративниот процес, а настапот на Милошоски го оцени во склад со, како што вели, она што опозицијата го прави на дело во Собранието. - Критичкото мислење на опозицијата е исклучително важно и се очекува, но секако не блокади, филибастеринг, кој се злоупотребува бидејќи тоа не е начин како да стигнеме ниту до подобри закони, а уште повеќе како да ја зајакнеме  нашата улога како надзорен орган. Треба сите да работиме за вистински функционално Собрание, да го заокружиме процесот Жан Моне што поскоро и да направиме ова Собрание да биде предвидливо, рече Калевска Ванчева според која НСЕИ и Комисијата треба да бидат клучен коректив и надзор и да имаат исклучителен надзор во пристапниот процес. Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „HardTalk“ на Би-Би-Си истакна дека за стартот на преговорите со Европската Унија се постигнати неколку клучни цели – чист македонски јазик, македонски идентитет и историските прашања да не бидат вклучени во преоварачката рамка.– Ја споменавте работата на историската комисија, таа работи со четиринаесет членови, седум од македонска и седум од бугарска страна кои можат да носат одлуки само со консензус и тие одлуки може да бидат спроведени на реципроцитетна основа меѓу двете земји. И тоа е всушност договорот каде тие, историчарите, ќе се занимаваат со историските прашања. Го потпишавме првиот договор со ЕУ, во кој има чист македонски јазик, без фусноти, без објаснувања и уште поважно, во врска со Фронтекс договорот, Грција и Република Бугарија, одобрија договор во кој има чист македонски јазик, рече Ковачевски. Во однос на ЕУ интеграциите, Ковачевски посочи дека процесот за приклучување кон ЕУ беше заглавен уште пред да почне, пред 11 години од претходната влада зашто тие, како што наведе, не беа подготвени да се поместат ниту еден милиметар.– Тие не донесоа никакви одлуки. Ние имаме два концепти во државава. Едниот концепт, кој јас го водам, е дека Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија, со кренати глави, со достоинство, треба да седнат на големата маса во Брисел и да го кажат својот став за сите прашања, да преговараат и да станат членови на ЕУ. Другиот концепт е со лажно достоинство, да седнат на малата маса тука, во Северна Македонија, сами, изолирани, во конфликт со соседите, без разговори со ЕУ. Ова седење на мала маса, со лажно достоинство, го гледавме со години. Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации. Бидејќи, на крајот знам дека овој процес ќе биде тежок, преговорите ќе бидат мачни, свесен сум за тоа, сите граѓани се свесни за тоа, но наградата е членство во ЕУ, бидејќи македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, сакаат да живеат во ЕУ, но во нивната држава тука, а не да ја напуштат нивната земја и да работат во земјите членки на ЕУ, нагласи Ковачевски. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера на средба со евроамбасадорот Дејвид Гир во контекст на напорите што ги прави земјата на патот кон Европската унија информирал дека во Министерството за финансии веќе се подготвува акциски план за имплементација на препораките од последниот Извештај на Европската комисија (ЕК), но се работи и на практична реализација на оние реформи коишто веќе беа истакнати во Извештајот на ЕК, како Законот за буџети. Бесими оценил дека потврда за залагањата и реформската агенда во земјава е и финансиската поддршка од 80 милиони евра што ја најави ЕУ за справување со кризата и 500 милиони евра пакет за инвестиции за Западен Балкан. – Република Северна Македонија не отстапува од поставените цели, за постигнување просперитетно општество, повисок економски раст и целосно интегрирање во Европската Унија. На овој пат имаме значајна поддршка од ЕУ и финансиска и техничка. Во рамки на Програмата за економски реформи, која секоја година ја подготвуваме заедно со ЕУ, се дефинираат мерки и политики кои не доближуваат до европските стандарди. Во моментов се работи на новата Програма за економски реформи која треба да биде усвоена од Владата во јануари 2023 година. Средствата достапни преку ИПА фондовите имаат значаен придонес за реализација на крупни инфраструктурни проекти, истакнал Бесими. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера во обраќање на панел дискусијата на тема „Хармонизација на законодавството во Република Северна Македонија со европските стандарди и регулативи од Министерството за внатрешни работи“, организирана од Студентското собрание и асоцијација на Универзитетот на југоисточна Европа, порача дека постои институционална и политичка решителност и подготвеност за интензивен и стручен ангажман во усогласување на легислативата со европското законодавство. -Кога говориме за усогласувањето на домашните закони и подзаконски акти со оние на Европската Унија, конкретно во доменот на функционирање на Министерството за внатрешни работи, тогаш можеби по прецизно е да кажеме дека станува збор за реализирање или оперативна имплементација на нормативните стандарди застапени во Поглавјето 24 – правда, слобода, безбедност,  од пристапниот скрининг процес на ЕУ, како  области на јавна политика кои се посебно значајни за суверенитетот на една држава. Нивната основна цел е да обезбедат слободно движење на луѓе, со гарантирање на нивната безбедност, рече министерот Спасовски. Тој нагласи дека стандардите што треба да се достигнат во ова поглавје во голем дел се веќе уредени со бројни меѓународни конвенции кои ги презеде земјава од осамостојувањето до денес преку нивната ратификација, односно ги имплементираше како дел од домашното законодавство, пред се, во областа на борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот, трговија со луѓе, интегрираното гранично управување и друго. На конференцијата во Скопје на претседателите на судските совети на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и на Судскиот совет на Северна Македонија, претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, во контекст на евроинтеграциите нагласи дека регионалната соработка е нужна за да се воспостави систем за постојана комуникација за размена на искуството и знаењето. – Ако сакаме европска иднина на нашата држава и на нашиот регион, тогаш мора да имаме и европско судство, а тоа значи дека мораме да ја смениме перцепцијата кај граѓаните. Тоа е можно само ако имаме независен Судски совет и независни судии. Сите ние одиме по тој пат, некој е понапред, некој е поназад, тоа е сосема доволна причина да започнеме една нова ера – ера во која ние нема да бидеме непознати едни за други, туку ќе бидеме партнери за полесно и заедно да стигнеме до целта, порача Црвенковска. Според најавите од Гир и Маричиќ, Северна Македонија на 11 ноември ќе го започне билатералниот скрининг како дел од пристапниот процес во кој од страна на ЕК се вклучени околу 800 експерти. вг/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан