• недела, 22 декември 2024

Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години

Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) – Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4 отсто минатата година ќе се сведе на 3,5  отсто, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочила гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствувале претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.

-Во презентацијата беше наведено дека благодарение на надолното приспособување на инфлацијата и поволниот девизен пазар, Народната банка почна претпазливо да ја нормализира поставеноста на монетарната политика. Се очекува дека инфлацијата и натаму ќе се стабилизира и во просек ќе изнесува 3,5% и 2,5% во 2024 година и 2025 година, соодветно. На среден рок се оценува дека таа ќе се врати на историскиот просек од 2%. И покрај значителното забавување на инфлацијата, и понатаму постојат неизвесности, главно поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, но и со домашните политики коишто влијаат на агрегатната побарувачка. Оттаму, потребна е внимателност во овој домен и во иднина. Во рамките на есенскиот циклус проекции се предвидува умерено забрзување на растот на економијата, односно закрепнување на економската активност од 2,3% и 3,3% во 2024 година и 2025 година, соодветно, но побавно во споредба со априлските проекции. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7%, поддржан од натамошното проширување на депозитната база и стабилниот банкарски систем, соопшти Народната банка.

Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како клучен сегмент во услови на стратегија на стабилен девизен курс, како што велат од Народната банка, упатуваат на поволна и претежно стабилна позиција на тековната сметка на платниот биланс на среден рок.

-Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута, се наведува во соопштението.

Од Народната банка велат дека внимателно, на дневна основа, ќе ги следиат макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок. дма/aa/

Фото: Народна банка

Остани поврзан