• петок, 22 ноември 2024

Напредок во решавањето на трговскиот договор меѓу САД и Кина

Напредок во решавањето на трговскиот договор меѓу САД и Кина
Вашингтон, 25 август 2020 (МИА) - Високи американски и кинески официјални претставници во телефонски разговор оценија дека има напредок во решавањето на отворените прашања поврзани со фазата 1 од јануарскиот трговски договор. Американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер и министерот за финансии Стив Мнучин разговараа со кинескиот вицепремиер Лиу Хе во согласност со претходно договорениот „редовен распоред“, се вели во соопштението од Кабинетот на трговскиот претставник на САД (УСТР). „Двете страни разговараа за чекорите преземени од Кина за спроведување на структурните промени предвидени со договорот, кои ќе обезбедат поголема заштита на правата од интелектуална сопственост, отстранување на бариерите на американските компании во областа на финансиските услуги и земјоделството и ќе го елиминираат присилниот трансфер на технологија“, се вели во соопштението. Исто така се додава дека двете страни „разговарале и за значително зголемување на кинеските набавки на американски производи, како и за идните активности потребни за спроведување на договорот“. „Двете страни забележуваат напредок и се посветени на преземање на неопходните чекори за да се обезбеди успех на договорот“, се вели во соопштението на УСТР. Првично, телефонскиот разговор беше закажан за 15 август, шест месеци по влегувањето во сила на трговскиот договор. Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој честопати ја обвинуваше Кина поради пандемијата на коронавирусот, минатата недела изјави дека ги одложил разговорите со Пекинг, бидејќи „сега не сака да се занимава со нив“. паг/

Остани поврзан