• петок, 05 декември 2025

НАЕОПМ почнува клучна постапка во рамки на заложбите за транспарентност и борба против корупцијата

НАЕОПМ почнува клучна постапка во рамки на заложбите за транспарентност и борба против корупцијата

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) денеска соопштија дека започнува клучна постапка во рамки на заложбите за транспарентност и борба против корупцијата.

Директорот на Националната агенција, Петар Богојески, се наведува во соопштението, донел нова процедура за постапката за избор на надворешни експерти/евалватори за оценување на предлог-проекти и/или периодични и конечни извештаи од одобрени проекти, како и за апликации во рамките на програмите Еразмус+ (2021–2027) и Европски солидарен корпус (2021–2027).

- Во таа насока, ќе следува целосна реевалуација на постојните евалватори, согласно највисоките професионални стандарди и етички норми. Потоа, ќе биде објавен нов јавен повик за избор на професионални и департизирани евалватори, експерти од различни области, кои со својата стручност и интегритет ќе придонесат кон натамошно зајакнување на кредибилитетот на Агенцијата, се додава во соопштението.

Со оваа постапка, стои во соопштението, Националната агенција испраќа јасна порака дека борбата против корупцијата е приоритет и дека се стреми да биде пример за интегритет и професионализам, не само во нашата земја, туку и во земјите членки на Европската унија. цр/ац/

Фото: НАЕОПМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан