• понеделник, 23 декември 2024

Медицинските науки интересни за студентите, на Медицинскиот факултет пријавени над 900 кандидати

Медицинските науки интересни за студентите, на Медицинскиот факултет пријавени над 900 кандидати

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Интересот за медицинските науки е голем. Годинава, биле пријавени над 950 кандидати, а денеска на првиот академски час индекс им беше врачен на повеќе од 700 бруцоши. 

- И оваа како и претходните години, интересот за студии на нашиот факултет останува голем, што се покажува и со бројот на пријавени кандидати за упис во оваа учебна година. Беа пријавени над 950 кандидати, а денес ќе се здобијат со индекс над 710 бруцоши, од кои 265 за студиите по општа медицина, а 445 за тригодишните стручни студии, истакна новиот декан на Медицинскиот факултет при УКИМ, професор доктор Светозар Антовиќ на почетокот на академската година.

Од своето формирање досега, на Медицинскиот факултет се запишани вкупно 27.242 студенти, од кои 12.361 дипломирале и се стекнале со стручен назив доктор на медицина, a 2.699 со диплома на една од тригодишните стручни студии. 

Според премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на првиот академски час, медицинскиот кадар не е и нема да биде дефицитарен во земјава. 

- Избравте хумана професија, што од вас ќе бара многу учење и откажувања на личен план, а во името на доброто на другите. И тоа е нешто за што треба да ви се честита, јас лично сакам да ви честитам за изборот кој што сте го направиле. И воедно сакам да ви се заблагодарам, бидејќи утре вие ќе бидете тие кои ќе се грижите за здравјето на сите ваши сограѓани, рече Ковачевски.

Се заблагодари на целиот образовен и стручен персонал на Медицинскиот факултет во Скопје, но и на сите други факултети и универзитети во државата затоа што вложат во развојот на државата.

- Затоа ве повикувам и вас, заедно да направиме држава на успешни и среќни луѓе, кои ќе ја градат својата иднина во својата родна земја. Држава на амбициозни луѓе, луѓе кои сакаат да направат повеќе, а не луѓе кои ќе се жалат дека некој ги спречил и направиле помалку, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека луѓето се најважен ресурс за развојот на која било држава.

- Развојот значи економски раст, но значи и подобрување на квалитетот на живот на луѓето. Значи подобро здравство, подобро образование, социјална стабилност, шанси за личен напредок, перспективи - дома. И затоа ние денес, како  Влада, вложуваме во човечкиот капитал. Клучно значење има квалитетот на високото образование, што го унапредуваме во соработка со универзитетите и со нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД, нагласи Ковачевски.

Посочи дека следуваат 500 стипендии за студентите на медицина, природно-математичките, техничко-технолошките и биотехничките науки, а во делот на сместувањето на студентите нагласи дека веќе е склучен договор за обезбедување средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет  државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

- По три децении, конечно оваа Влада се зафати да го реши ова важно прашање за квалитетот на живот на студентите таму. И очекувам инвестициската активност да започне уште во оваа година, подвлече Ковачевски.

Успех во студирањето, на студентите им посака и министерот за здравство Фатмир Меџити.

- Фокусирани сме на зајакнување во сите сегменти на здравствениот систем, почнувајќи од кадарот. Како Министерство имаме јасна цел да ги мотивираме и да им ги подобриме условите за работа на лекарите, особено на младите лекари, рече министерот.

Според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, изборот што го направиле идните студенти по медицина е исправен, базиран на хуманост и човечност.

Ректорката на УКИМ, професор доктор Билјана Ангелова, посака успешен старт на новата учебна година, на, како што нагласи, најстариот, најголемиот, најдобриот и најреномиран универзитет во нашата држава.  

- Овде ќе се сретнете со врвни експерти кои поседуваат не само стручни, туку и индивидуални квалитети и академски вештини што ќе ви овозможи успешна кариера на полето на медицината и здравството. Медицинскиот факултет како една од најстарите високообразовни установи во државата има одговорност за одржување на ниво на квалитет на наставата и пренесување на знаењето на помладите генерации, нагласи Ангелова. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан