• сабота, 16 ноември 2024

Над 3 500 пријавени за „Вози право, вози здраво“, регистрацијата сѐ уште трае

Над 3 500 пријавени за „Вози право, вози здраво“, регистрацијата сѐ уште трае

Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Повеќе од 3 500 деца и возрасни досега се пријавиле за најмасовниот настан на тркала низ улиците на Скопје - „Вози право, вози здраво“ што ќе се одржи в недела на 5 јуни во организација на Стопанска банка АД-Скопје.

Скопските улици в недела неколку часа ќе бидат преплавени од луѓе со велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички и скејтборди.

- Сите регистрирани учесници од денеска може да ги подигнуваат своите стартни броеви од i-bank store филијалата на Стопанска банка во ГТЦ од страната на кејот 13 Ноември. Подигнувањето е овозможено од среда (1 јуни) до петок (3 јуни) од 10 до 18 часот, како и во сабота (4 јуни) од 12 до 20 часот. На денот на ревијалниот настан, во недела (5 јуни), нема да може да се подигнуваат стартните броеви. Оние што сѐ уште не се регистрирале, тоа може да го направат преку овој линк, информираат организаторите на настанот.

Стартот на „Вози право, вози здраво“ е во 18 часот од Порта Македонија, а целта е кај фонтаната во Градски парк, каде што сите учесници ќе се освежат со вода, сокови, грицки и сладолед и ќе се забавуваат со добра музика и акробатите од Баскерфест. На стартот ќе има групни предизвици за учесниците во кои најуспешните ќе добијат подароци од Стопанска банка, а на крајот на настанот ќе има богата лотарија за сите регистрирани учесници во која ќе се доделуваат 10 SPECIALIZED велосипеди, 10 Apple часовници, како и 20 JBL Clip 4 звучници заедно со торби за велосипед.

- Добитници на наградите се учесниците чиј стартен број ќе биде извлечен, а не тие што пристигнале први на целта, при што извлечените добитници мора да се лично присутни за време на лотаријата за да го покажат својот стартен број. Во спротивно, наградата ќе биде доделена на следниот извлечен добитник.

„Вози право, вози здраво“ е ревијален настан со кој се промовираат здравите животни навики и користењето еколошки транспортни средства со кои ја чуваме животната средина, како и забавата за сите генерации, семејства и пријатели. Ова ќе биде шести пат како се организира овој настан на кој во изминатите години учествуваа десетици илјади граѓани, посочуваат организаторите.фф/лв/

Остани поврзан