• петок, 27 декември 2024

„Над брановите од животот“ со Марио и Стефан кои испраќаат важна порака на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

„Над брановите од животот“ со Марио и Стефан кои испраќаат важна порака на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром
Скопје, 20 mart 2021 (MIA) - Краткиот документарен филм „Над брановите од животот“ во продукција на „Види Вака“ е последен од серијата од шест мултимедијални приказни за граѓани кои се соочуваат со некакви предизвици во време на пандемијата предизвикана од Kовид-19. Автор на краткиот документарен филм „Над брановите од животот“ е новинарката Христина Ѓорѓиевска, а директор на фотографијата е Крсте Шупев. Продуценти на документарниот филм се Мите Кузевски и Горан Игиќ. „Над брановите од животот“ е филм посветен на момците Марио Мицковски и Стефан Трпковски. Тие се лица со Даунов синдром кои имаат повеќе хобија и голема поддршка од своето семејство. Најуспешни и најсреќни се во спортот. Во 2015 и 2019 година, се носители на златни медали од Специјалната олимпијада одржана во Лос Анџелес и Абу Даби. - Оваа година темата на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21 март, е поврзување. Фокусот е на подобрување на врските, за да се овозможи сите луѓе со Даунов синдром да можат да се поврзат и да учествуваат на еднаква основа со другите. Токму тоа го сакаат и протагонистите во краткиот документарен филм на Види Вака, истакнуваат од „Види Вака“. Во краткиот документарен филм зборуваат и мајките на Марио и Стефан, Јамболка Димитрова и Лепа Трпковска, тие говорат за предизвиците со кои се соочуваат лицата со Даунов синдром во нашата држава во текот на животот, но и сега, во време на светската пандемија. Во нашата држава не постои база на податоци поврзани со лицата со Даунов синдром. Но, проблемите и предизвиците кои тие ги имаат се постојани. Недоволен број на логопеди, дефектолози, проблеми со личните и образовни асистенти, немање превоз да стигнат до одредена дестинација или до Дневниот центар за лицата со Даунов синдром, проблеми околу пристапот до образование и уште многу други предизвици. Мајката на Марио, Јамболка Димитрова истакна дека превозот до дневните центри е голем проблем, но и тимот којшто треба да е целосно екипиран. - Физиотерапевт, логопед, дефектолог, треба да има и психолог. Затоа што, овие деца подоцна почнуваат да имаат потреба од психолог, некогаш некои се изолираат, еве од искуство кажувам, некои паѓаат во депресија поради неангажирање, вели Димитрова. Но, најголемиот страв на нивните родители е што ќе се случува со нивните деца по нивната смрт? - Што по нашата смрт? Каде би отишле овие деца, каде би оделе, на кого би ги оставиле? Можеби некој ќе го прифати, брат или сестра. Меѓутоа, не сите деца имаат некој што би ги прифатил, посочи Лепа Трпковска, мајка на Стефан.фф/скс/    

Остани поврзан