• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
31 декември 2020 (МИА) 192.- Починал императорот Комод, бил шестиот римски император од династијата на Антонините. Попознат бил и како Марко Аврелиј Комод Антонин Август. Со Римската империја управувал со голема жестокост и тирански методи од 180-та до 192 година. Негов наследник бил Пертинакс. 1494.- Во Рим влегле силите на францускиот крал Шарл VIII, кој под притисок на племството почнал со освојување на Италија. Војната траела 61 година по кралската смрт, до 1559 година, а походите на Италија придонесле за хуманистичка култура во дотогаш културно инфериорната Франција. 1600.- Англиската кралица Елизабета Прва издала повелба за основање Источноиндиска компанија која со економска мотивација го запоседнала подрачјето на Индија како и блиските територии на Азија. 1617.- Роден е шпанскиот сликар Бартоломео Естебан Муриљо. Дела: „Малиот питач“, „Децата јадат диња“. 1719.- Умрел англискиот астроном Џон Флемстид кој, откако добил дозвола од кралот Чарлс Втори во 1675 година, ја основал националната опсерваторија во Гринич со што и официјално станал “првиот кралски астроном“. 1869.- Роден е Анри Матис, француски сликар и скулптор, еден од најпознатите претставници на фовизмот. Работел ентериери, актови, мртви природи, портрети, графики, скулптури и дела од применетата уметност. Умрел во Ница, на 3 ноември 1954 година. 1877.- Умрел Густав Курбе, француски сликар. Бил учесник во Париската комуна, основач и главен претставник на реалиситичката школа, еден од првите уметници кои работеле во природа. Суров и силен, ги отфрлил романтичните пејзажи и идеализирањето на луѓето и доживувањата, вршејќи огромно влијание врз целокупното европско сликарство. Роден бил на 10 јуни 1819 година. 1879.- Американскиот пронаоѓач Томас Алва Едисон во Менло Парк, во Њу Џерси, првпат јавно ја демонстрирал својата електрична светилка. 1880.- Роден е американскиот генерал Џорџ Маршал, началник на Генералштабот на копнената војска на САД од 1939 до 1945 година, добитник на Нобеловата награда за мир во 1953 година, творец на познатиот „Маршалов план“. 1898.- Во Софија умрел Јосиф Ковачев, учител, педагог, основоположник на современото школство во Македонија, еден од најобразованите луѓе во Македонија во тоа време. Роден бил во Штип, на 14 јануари 1839 година. 1911.- Марија Кири ја добила по втор пат Нобеловата награда за хемија за истражување на радиоактивните елементи. Првата ја добила во 1903 година. 1941.- Во Струга, спроти Новата 1942 година првпат била испеана познатата песна „Денес над Македонија се раѓа“ - денешната химна на Република Македонија. 1946.- Донесен бил првиот Устав на Народна Република Македонија. 1946.- Претседателот на САД Хари Труман формално го прогласил крајот на непријателствата во Втората светска војна. 1948.- Умрел англискиот возач на брзи автомобили и чамци Малколм Кемпбел кој меѓу 1924 и 1935 година девет пати го соборувал светскиот брзински рекорд во возење автомобил, а меѓу 1937 и 1939 трипати и во возење чамец. Во 1935 година станал првиот човек кој со автомобил возел побрзо од 300 милји на час (483 километри). Неговите рекорди ги соборил неговиот син Доналд, кој во 1967 година загинал со чамецот „Сина птица“, при поставувањето нов светски рекорд на вода од 527,9 километри на час. 1961.- Либанската армија во Бејрут ја спречила Сириската народна партија да изврши државен удар. 1968.- Суперсоничниот советски патнички авион „ТУ-144“ го изврши првиот лет, неколку месеци пред британско-францускиот „Конкорд“. 1980.- Умрел американскиот филмски режисер Раул Волш. Филмови: „Багдатски крадец“ „Цена на славата“, „Умрела во чизми“, „Џентлменот Џим“, „Сребрена река“, „Светот во негови раце“, „Голи и мртви“. 1994.- Република Македонија и Република Узбекистан воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 1998.- Министрите за финансии на Европската унија го соопштиле дефинитивниот курс според кој националните валути на 11 земји на ЕУ се заменуваат со еврото, со важност од 1 јануари 1999 година. 1999.- Претседателот на Русија Борис Елцин го изненадил светот со неговата оставка и со назначувањето на Владимир Путин за вршител на должноста шеф на државата. 1999.- Претседателот на Панама Миреј Москосо формално од САД ја повратил контролата на својата земја врз Панамскиот канал. 2004.- Во пожар кој избил во една дискотека во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, загинале 177 луѓе, а 889 биле повредени. ###

Остани поврзан