• недела, 22 декември 2024

Наградата Сахаров за иранските демонстранти и Махса Амини

Наградата Сахаров за иранските демонстранти и Махса Амини

Стразбур, 12 декември 2023 (МИА) - Иранката Махса Амини, која загина во притвор, и иранските демонстранти се добитници на годинашната награда „Сахаров“ на ЕУ, а  демонстрантките Афсун Наџафи и Мерседа Шаинкар од иранското движење „Жени, живот, Слобода“, како и адвокатот на семејството Амини, Салех Никбат, денеска ја примија наградата во нивно име.

Наградата на церемонија во Стразбур ја врачи претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, пренесуваат американските медиуми.

Мецола жали што дури и на дел од семејството на Амини не му било дозволено да присуствува на доделувањето.

-Тие се под забрана за патување што им ја наметна иранскиот режим. Таквото однесување е уште еден пример за тоа со што се соочува народот на Иран секој ден, рече Мецола, додавајќи дека годинашната награда Сахаров „им оддава почит на сите храбри и пркосни жени, мажи и млади луѓе во Иран кои, и покрај зголемениот притисок, продолжуваат да се борат за промени''.

Махса Амини, Иранка со курдско потекло,  беше уапсена во 2022 година од таканаречаната  Иранската морална полиција за наводно кршење на законот за задолжително носење шамија во земјата, а почина во притвор три дена подоцна.

Нејзината смрт предизвика масовни протести низ целата земја, што брзо ескалираа во повици за соборување на иранските власти, наведуваат американските медиуми.

Според групите за човекови права, во судирите меѓу демонстрантите и иранската полиција загинаа повеќе од 500 луѓе, а над 22.000 беа приведени.

Демонстрациите стивнаа на почетокот на оваа година.

Наградата на ЕУ „Сахаров“, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров, е основана во 1988 година и се доделува на поединци или групи кои се борат за човековите права и слободи.

Сахаров, добитник на Нобеловата награда за мир, почина во 1989 година. сд/

Остани поврзан