• понеделник, 23 декември 2024

Наводи за незаконски банкарски шеми, НБ и МБА отфрлаат незаконско работење

Наводи за незаконски банкарски шеми, НБ и МБА отфрлаат незаконско работење
Скопје, 23 август 2022 (МИА) –  На презентација на Извештај од истрага за стечајот на „Еуростандард банката“ АД Скопје подготвен по нарачка на најголемиот акционер во банката Трифун Костовски вчера беше објавено дека од 2004 година во државава функионира „незаконска шема меѓу банките, а Народната банка (НБ) одбивала да го препознае и спречи постоењето на таа шема“. Во одделни реакции тврдењата ги отфрлија и НБ и Македонската банкарска асоцијација (МБА) од каде апелираа да не се наштетува на јавниот интерес и оти македонскиот банкарски сектор бил и останува најздравото ткиво на нашата економија. Драго Кос, меѓународен експерт против корупција и организиран криминал и предводник на тимот што го подготви извештајот, на заедничка прес-конференција со Костовски, рече дека во државава постои воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки систематски ги прекршувале важечките регулативи во банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање, претежно за субјекти што не се подобни за добивање банкарски кредити. Шемата, според објавеното, функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа им исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании, исклучиво по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства и се враќале на банката. На тој начин, банката остварувала придобивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односно конвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби. Како што информираше Кос, помеѓу 2004 и 2011 година во шемата биле вклучени седум банки, 45 други компании и едно физичко лице. Во целосниот извештај, според тврдењата, е направена анализа во врска со еден од овие случаи, во која е опишана шема на незаконско кредитирање управувана од страна на „Комерцијална банка“ АД Скопје, во повеќето случаи преку деловните сметки на две компании. По пат на оваа шема којашто функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании, како што рече Кос, Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра. Според Кос, ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со ова, бидејќи во неа учествувале многу банки и компании чиишто претставници, и покрај големите готовински трансакции, честопати воопшто не се ни познавале. Ниту една од овие компании не можела да води евиденција на сите плаќања, бидејќи тие едноставно не знаеле за нив, особено доколку парите се пренесувале преку други компании и преку други, а не нивните, комерцијални банки. Само банките, барем во првичните фази, можеле да го следат текот на овој процес на кредитирање и позајмување, а откако се развила шемата, дури и тие почнале да губат контрола над тоа кој кому платил и кој кому должи, се наведува во извештајот. „Еуростандард банка“, според Извештајот, станала дел од незаконската шема на позајмување најрано во 2011, а тоа, тврди Костовски, било направено без негово и знаење на акционерите. Костовски рече дека незаконски се искористени три милиони евра, наменски даден депозит од „Еуростандард банка“, кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби, без согласност на надзорните одбори на двете банки. - Во договор, кој го знаат само управните одбори на двете банки, овие средства се исчезнати, рече Костовски. Според него, „Еуростандард банка“ била однесена во стечај со умисла, а Народната банка, како што посочи, ги искористила само редовните мерки и стечајот како алатки, а вонредните мерки биле делумно искористени, иако во нејзина надлежност било и одземањето лиценци на членовите на Управниот и Надзорниот одбор и директори на сектори. Во реакција на прес-конференцијата, Советот на Народната банка, ги оквалификува како нерелевантни и неточни изнесените оценките и мислењата. Порача дека е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што посочува дека е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции.                   – Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни, наведе Советот на НБ во реакцијата. Во работењето на Еуростандард банка, вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, како што посочија, утврдиле значајни слабости и пропусти во работењето. -Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на „Еуростандард Банка“ АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Оттука во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на банката, велат од НБ. И според Македонската банкарска асоцијација (МБА),  наводите за банкарскиот сектор изнесени на прес-конференцијата се крајно неосновани.  -Никој нема право да изнесува небулозни наводи и обвинувања за цел банкарски сектор на една држава врз основа на некакви приватни истраги. Македонскиот банкарски сектор бил и останува најздравото ткиво на нашата економија и никој нема право да прави обиди за поткопување на неговиот углед и негово омаловажување, порачаа од МБА. Побараа да бидат отфрлени сите дезинформации и инсинуации кои се изнесуваат во јавноста за банкарскиот сектор и поединечни банки бидејќи, како што наведоа, заради остварување на некои други интереси и нечии лични битки, свесно или несвесно, се прави обид за загрозување на нешто што е од јавен интерес на секој граѓанин, секоја компанија, секоја институција во оваа земја. -Пропаѓањето на една банка заради проблеми и нерегуларности кои се случувале во самата таа банка, а за кои целата јавност беше информирана преку средствата за јавно информирање, не смее и не може да бидат прелеани како обвинување за цел еден сектор, истакнаа од МБА. Народната банка на 12 август 2020 година објави дека ја затворила „Еуростандард банка“ АД Скопје, поради неисполнување минимални законски услови за работење, по што беше доставен предлог до надлежниот суд за отворање стечајна постапка. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска тогаш информираше дека клучните проблеми на банката биле одраз на слабостите од минитиот период, а не на тековните состојби. Една од најголемите слабости на работењето на банката било поголемото преземање кредитен ризик или помалото обезбедување на кредитите што се давани, а тоа резултира со кредитни загуби. Кредитите учествувале со 50 проценти од вкупната актива на банката, односно со 3,6 милијарди денари.лв/са/  

Остани поврзан