• понеделник, 23 декември 2024

Муцунски – Сијарто: Унгарија како претседавач со ЕУ ќе направи напори за забрзување на процесот на проширување на Унијата

Муцунски – Сијарто: Унгарија како претседавач со ЕУ ќе направи напори за забрзување на процесот на проширување на Унијата

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил средба со унгарскиот колега, Петер Сијарто, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон.

Како што денеска соопштија од МНР, на средбата, министрите го потврдиле задоволството од развојот на одличната билатерална соработка, при што бил поздравен јубилејот - 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Воедно, биле истакнати заемните заложби за натамошен развој на секторската соработка, со посебен акцент на економијата, инвестициите и бизнис релациите.

Во фокусот на разговорите, се додава, било и европското досие на земјава, при што била  реафирмирана цврстата унгарска поддршка за наше полноправно членство во ЕУ. Муцунски изразил задоволство што меѓу приоритетите на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ е токму проширувањето со земјите од Западен Балкан, што е споделен интерес за земјите од регионот и Унијата како целина.

- Високо ја цениме континуираната унгарска поддршка за нашиот евроинтегративен пат. Посветени сме на реформските процеси и силно се залагаме за забрзување на нашето присоединување кон ЕУ. Членството на земјите од Западен Балкан во Унијата нема алтернатива и ќе придонесе за зацврстување на целокупната регионална и европска стабилност, нагласил Муцунски, стои во соопштението.

На средбата биле разменети мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО, потребата од продолжување на соработката меѓу двете земји во рамки на Алијансата, како и уверувањето дека Вашингтонскиот Самит, на кој се одбележува 75 годишнината од формирањето на Алијансата, ќе придонесе за зачувување на глобалниот мир и безбедност. цр/ац/

Фото: МНР

 

 

 

 

 

Остани поврзан