Муцунски за средбата со Георгиев: Зборувавме за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство
- -Ние сакаме процес којшто е предвидлив, којшто има јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме под уцена или под притисок било какво решение или било каков компромис. Секој компромис треба да соодвевствува со реалноста во којашто живееме и со европските вредности за кои Европа постојано на сите нас во целиот регион ни зборува, изјави Муцунски.

Скопје, 16 февруари 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во изјава за МРТ за средбата со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, истакна дека разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.
-Ние сакаме процес којшто е предвидлив, којшто има јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме под уцена или под притисок било какво решение или било каков компромис. Секој компромис треба да соодвевствува со реалноста во којашто живееме и со европските вредности за кои Европа постојано на сите нас во целиот регион ни зборува, изјави Муцунски.
Министерот рече дека со Георгиев зборувале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.
-Зборувавме за потребата од јасен и предвидлив пат којшто е во рамките на европските стандарди и принципи. Зборувавме за потребата од примена на соодветни малцински права во соседна Бугарија, посебно во делот на потребата од примена на пресудите од Европскиот суд за човекови права. Кога Европа нас ни зборува за примена на европски вредности, соодветно е и ние да ги одбраниме нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во било која земја во светот, вклучително и во соседна Бугарија, нагласи Муцунски.
Муцунски и Георгиев вчера остварија средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата министри разговарале за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија.
-Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес. Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата, стои во соопштението на Министерството. нд/цр
Фото: МИА архива