• понеделник, 02 февруари 2026

Муцунски во Дубаи на Светскиот самит за влади

Муцунски во Дубаи на Светскиот самит за влади

Скопје, 2 февруари 2026 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од денеска до четврток престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, каде што ќе учествува на Светскиот самит за влади, што се одржува со мотото „Обликување на идните влади“.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на Самитот ќе учествуваат над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 20 претседатели на меѓународни организации, како и над 500 министри и лидери од мултинационални компании од целиот свет, а посветен е на унапредување на меѓународната соработка и изнаоѓање иновативни решенија за идните глобални предизвици.

- Во рамките на Самитот, министерот Муцунски ќе учествува и ќе се обрати на панел-дискусијата The next logistics order: What must change?, како и на министерска тркалезна маса, посветена на развојот на глобалните логистички и трговски системи и актуелните геополитички промени - најавија од Министерството.

За време на посетата, предвидено е потпишување меморандум за разбирање меѓу владите на Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, како и одржување многубројни билатерални средби со високи претставници на држави, меѓународни организации и мултинационални компании.

- Учеството на министерот Муцунски на Светскиот самит за влади во Дубаи претставува потврда на активната улога на Република Северна Македонија во промовирањето на мирот, стабилноста и меѓународната соработка, како и на заложбите на македонската дипломатија за продлабочување на односите со клучни меѓународни актери, вклучително и со земјите од арапскиот свет и Блискиот Исток - истакнаа од Министерството. бд/вг/

Фото: Фејсбук-страница на министерот Тимчо Муцунски

Остани поврзан