Не станува збор за политички притисок врз Уставниот суд, вели Муртезани за изјавите на „Влен“ за Законот за јазиците
- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, смета дека изјавите на „Влен“ дека со иницијативата што треба да ја разгледа Уставниот суд за Законот за јазиците и за Балансерот ќе се отвори Пандорината кутија, не претставуваат политички притисок врз Уставниот суд.
Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, смета дека изјавите на „Влен“ дека со иницијативата што треба да ја разгледа Уставниот суд за Законот за јазиците и за Балансерот ќе се отвори Пандорината кутија, не претставуваат политички притисок врз Уставниот суд.
- Мислам дека не станува збор за политички притисок. Како политичари, секогаш кога чувствуваме дека постојат индиции, односно ризик од одредени дестабилизации или се загрозуваат одредени витални процеси за државата, мора соодветно да реагираме. Притоа не мислам дека Уставниот суд не може да разликува уставно-правни иницијативи, да речам, од иницијативи што имаат безбедносен и политички карактер или што се предмет на одредена дестабилизација, изјави вечерва Муртезани за телевизија Канал 5.
Вели дека има две причини зошто смета дека ваквите иницијативи би влијаеле врз дестабилизација на државата.
- Во 2019 година, таа иницијатива е поднесена од страна на Левица, која е јавно декларирана како антизападна партија и што државата сака да ја ориентира кон одреден друг политички блок. Второ, 2019 година, кога е поднесена иницијативата, претседател на Уставниот суд, е еден пратеник од редовите на коалицијата предводена од ДУИ, и досега е чувана во фиока за да денес им служи за нивните агенди за евентуална дестабилизација, рече Муртезани. бд/бак/
Фото: МИА архива