Муртезани-Старовиќ: Заеднички чекори кон европска интеграција и регионална соработка
- Продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во насока на европската интеграција беше во фокусот на средбата помеѓу министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, со новоименуваниот министер за европски интеграции на Србија, Немања Старовиќ, на маргините на Самитот за Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје.
Скопје, 1 јули 2025 (МИА) – Продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во насока на европската интеграција беше во фокусот на средбата помеѓу министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, со новоименуваниот министер за европски интеграции на Србија, Немања Старовиќ, на маргините на Самитот за Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје.
Како што соопштуваат од Министерството за европски прашања, Муртезани му честитал на својот српски колега за новата функција и изразил подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји во насока на европската интеграција.
-Уверен сум дека со нова динамика и проактивност ќе продолжиме да работиме на унапредување на европската агенда на регионот. Планот за раст е заедничка можност за засилување на економската поврзаност и приближување кон европските политики, изјавил Муртезани.
На средбата се разговарало и за досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и за нови иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекугранични програми и инфраструктурни проекти.
-Доследната и координирана примена на европските реформи е предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки што ги нуди новиот пристап на ЕУ. Подготвени сме за блиска комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на нашите земји, додава Муртезани.
Министрите се согласиле дека регионалната соработка и европската перспектива се клучни за стабилноста и развојот на Западен Балкан. ар/дма/
Фото:МЕП