• сабота, 21 декември 2024

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, а исплатите навремени и сигурни, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, а исплатите навремени и сигурни, да не се креира страв кај пензионерите

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика ги демантира и отфрла тврдењата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и државата доцни со исплатите кон банките.

Од МТСП тврдат дека во изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот на истите е континуиран и јасно забележлив. Тие исто така тврдат и дека трансферите кон ПИОМ биле навремени и сигурни, дури и во време на Ковид пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите.

- Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на  новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 орсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување  во Септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во Март 2023 година, 8.4 отсто и моменталната проекција за Септември 2023 година која изнесува најмалку 6 отсто, известуваат од МТСП. 

Нагласуваат и дека ниту едно од зголемувањата не ја загрози стабилноста на Фондот, ниту ја поремети редовната исплата на пензиите, и додадоа дека тоа е јасен показател за посветеноста кон граѓаните и стратешкиот избор на донесени политики како и долгорочното планирање кое обезбедува стабилност на Пензискиот Фонд, но и за сигурност на пензионерите.

- Пензионерите се приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Во овој владин состав се донесоа низа мерки за помош и поддршка на пензионерите, и трендот не сопира. Предлозите од пензионерите се на маса, се дискутира за истите и во најскоро време ќе продолжиме со промоција на нови мерки и пакети кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите и понатаму, соопшти МТСП.

Министерството за труд и социјална политика апелира да не се креира страв кај пензионерите и да не се манипулира со недостатокот на информации кои го имаат, а се со цел да се обезбеди масовност на протестите кои се политички обоени. сан/са/

Остани поврзан