• петок, 22 ноември 2024

Мојсовски: Младите во секоја институција имаат партнер за соработка

Мојсовски: Младите во секоја институција имаат партнер за соработка
Отешево, 1 јули 2021 (МИА) – Младите во Република Северна Македонија се со јасна визија. Тие не сакаат да бидат дел од онаа бројка, која пред неколку години ја збогати статистиката на иселени луѓе од државата, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски во своето обраќање на панел дискусијата „Визија на младите за иднина на регионот на Југоисточна Европа“ што се одржа денеска во Отешево во рамки на првата конференција „Преспа форум за дијалог“. Влијанието на младите во земјава, според него, се повеќе станува видливо, а тоа се потврдува и со политиките на Владата насочени кон нив. - Tоа не се случи преку ноќ. Не се случи одеднаш. Туку тоа се должи на макотрпна работа, на младинските организации, на колективните и индивидулните барања на младите луѓе, на партнерскиот однос, кој се успеа да се постигне меѓу нив и институциите, истакна Мојсовски. Младите во земјава, нагласи, се свесни дека заслужуваат исто што и нивните врсници од развиените земји, членки на Европската Унија. - Тие се упорни да го постигнат тоа, да допрат до нас институциите и да издејствуваат решенија, мерки и проекти кои ќе им обезбедат светла иднина тука. Мојот впечаток е дека сега, како никогаш досега, младите веруват дека тоа може да го постигнат бидејќи во секоја институција имаат партнер за соработка, кои со голема сериозност ги уважуваат нивните барања, рече директорот на АМС. Младите во Северна Македонија, додаде, својата иднина ја гледаат како дел од Европската Унија. - Сакаат со своите врсници од другите земји да разменуваат искуства, да учат едни од други, да се поблиски и со услови и со стандард. Сакаат модерен регион, каде секој млад човек си го наоѓа своето место каде ќе создаде исполнет живот, рече Мојсовски. Според него, младите од регионот иако зборуваат различни јазици имаат иста цел, сакаат да имаат можности и право на избор, да може сами да одлучуваат и да влијаат во општеството. сс/мд/

Остани поврзан