• сабота, 23 ноември 2024

МОН: Формирана е Комисија за повлекување на учебникот Социологија за втора година гимназиско образование

МОН: Формирана е Комисија за повлекување на учебникот Социологија за втора година гимназиско образование
Скопје, 9 август 2022 (МИА) - Министерството за образование и наука информира дека е формирана Комисија за давање предлог за повлекување од употреба на одобрениот учебник по Социологија за втора година гимназиско образование. Од МОН велат дека во законски рок од десет дена, Комисијата треба да го достави предлогот до министерот за образование и наука. Формирањето на комисијата следи по забелешките од јавноста, особено од стручната фела. - Инклузивниот процес за подобрување на квалитетот на едукативните содржини и за елиминирање на дискриминација и стереотипи, е најефективен и затоа МОН овозможува јавноста да биде вклучена во процесот на отстранување на грешките од различна природа и несоодветните содржини во учебниците. Информираме дека е креирана и е-mail адреса (books@mon.gov.mk) каде можат да се испраќат коментари и забелешки за учебниците што се во употреба, се вели во соопштението на МОН. Оттаму исто така велат дека во изминатиот период биле донесени неколку одлуки за повлекување на одобрени учебници, за кои имаше реакции. - Со темелната реформа на образовниот систем, што предвидува изготвување на нови наставни програми, ќе бидат изработени и нови учебници и материјали за учење по сите предмети. Во тек е постапка за набавка на учебници по сите предмети од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои се изготвени нови наставни програми, а согласно планот за реформирање на основното образование, информираат од министерството. сх/аа/

Остани поврзан