Модриќ сака да остане во Реал Мадрид уште една година и да се пензионира во дресот на „белите“
- Легендата Лука Модриќ во интервју за „Телефут“ изрази желба да продолжи да игра за Реал Мадрид следната сезона.

Мадрид, 22 март 2025 (МИА) - Легендата Лука Модриќ во интервју за „Телефут“ изрази желба да продолжи да игра за Реал Мадрид следната сезона.
Хрватот, кој има неверојатни пет титули во Лигата на шампионите и четири титули во Ла Лига, сака да потпише нов договор на уште една година и да ја заврши својата импресивна кариера со „лос бланкос“.
-Доколку го напуштам фудбалот во дресот на Реал Мадрид, тоа би било остварување на сонот. Дали ќе потпишам нов договор со Реал Мадрид? Нема потреба од брзање, сезоната е долга, има уште многу натпревари. Тогаш ќе видиме. Но мојот сон е јасен и тоа е да се пензионирам во дресот на Реал Мадрид, изјави 39-годишниот играч од средниот ред.
Модриќ досега има 44 настапи за мадридскиот тим оваа сезона, постигнувајќи 7 гола и 4 асистенции. На 9 септември ќе наполни 40 години. дс
Фото: Архива