• понеделник, 23 декември 2024

Многу девојки по раскинувањето преоѓаат кон покуса фризура

Многу девојки по раскинувањето преоѓаат кон покуса фризура

Лос Анџелес, 2 септември 2022 (МИА) - По прекинување на љубовна врска, многу девојки размислуваат, но и посегнуваат по една чудна, (не)вообичаена работа - нова фризура. А, според познатата американска колористка Џени Пери, оваа промена почесто се однесува на потстрижувањето, отколку на промена на бојата на косата.

- Тогаш Вие мора да се ослободите од лошата енергија, а со добра или нова фризура, дури и може да се чувствувате ментално поослободени, појаснува Пери за потстрижувањето по раскинувањето. Сепак, за оние кои сакаат долга коса, вели, кратењето дефинитивно не е опција, но затоа, тоа е продолжувањето на косата! - Мислам дека менувањето на Вашиот изглед Ви дава ново гледиште за себе. Затоа, ако сакате долга коса, екстензиите може да послужат како моментна промена - а Вашата коса повторно ќе порасне, додава таа. Пери се согласува дека фризурата или промената на бојата може да биде најлесната промена по раскинувањето, бидејќи косата брзо расте и лесно може да се премине од една нијанса во друга. Сепак, пред каков било сличен потфат, важно е да се сфатат психолошките причини поради коишто се прави тоа. Американската психотерапевтка Рејчел Рајт, која е специјализирана за секс и врски, открива зошто оваа промена е толку примамлива. - Кога едноставно сакаме да ги контролираме промените на некој начин, а особено кога остатокот од нашиот живот е целосно вон контрола, нашата коса е нешто што е целосно во наши раце, вели таа. Уште повеќе, визуелната трансформација може да биде токму она што треба, за да се предизвикаат промени однатре и човекот да „застане на нозе“ по тој емотивен „земјотрес“. Дали менувањето на фризурата е здрав начин да се справиме со раскинувањето? Општо земено, менувањето на фризурата е здрав начин за премин кон ново поглавје во животот. Сепак, пред овој потфат, треба да се размисли - што се крие зад желбата за покуса коса. - Треба да се прашате - дали го правите ова за себе или за некој друг? Еве еден брз пример - ако сте во искушение да ги исечете шишките по раскинувањето, прашајте се зошто. Дали ви се допаѓаат шишките? Ги сакавте ли пред раскинувањето? Ако е така, тогаш слободно отсечете ги! Меѓутоа, ако Ви се допаѓа изгледот со шишки, но знаете дека Вашиот поранешен ги мрази (или ако е обратно - ги сака), тогаш Вашата желба најверојатно не доаѓа од вистинската причина, објаснува д-р Рајт. Доколку пак, не се пронајдовте во овие редови и не сакате да ја промените фризурата на кој било начин, според познавачите, постојат и други начини да го промените изгледот, па и околината за да се почувствувате свежо по раскинувањето (ако сакате, секако). Може, на пр., да го смените стилот на облекување, начинот на шминкање, да го разместите распоредот на мебелот во станот, да отпатувате некаде, да почнете со ново хоби... Вие најдобро знаете што најмногу Ве радува.  си/сд/

Остани поврзан