• петок, 22 ноември 2024

М-НАВ: Процесот за контролори на летање се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок

М-НАВ: Процесот за контролори на летање се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, ги отфрла тврдењата на Синдикатот за спроведувањето на постапката за изборот на кандидатите за обука за контролори на летање и тврди дека процесот се одвива нормално, согласно акцискиот план,  како и дека се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и меѓународни стандарди. -Да Ве известиме дека твдењата на Синдикатот на Контролори на летање се неточни. Селекцијата за контролори што се одвива според препораките на Eurocontrol, FEAST тестовите, лекарските прегледи, интервјуата што се филтри кои се спроведени од страна на данските експерти кои се избрани со постапка за јавна набавка од М-НАВ А.Д. Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така, не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ, наведува М-НАВ во демант на тврдењата на Синдикатот. Од М-НАВ уверуваат дека, како што стои во информацијата, процесот се одвива нормално, согласно акцискиот план и се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и меѓународни стандарди за да можеме да се започне школувањето на кандидатите. Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), претходно изјави дека како синдикат и како професионалци нема да отстапат од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ како што е по регулативата. Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти. Како што објаснува, компанија на која државава и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава, уште не одобрила да почне обуката на избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска. Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на  М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку не биде спроведена. – Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а  можно е да треба да плаќаме пенали, изјави Тасевски. Од Владата, пак, велат дека според информациите што ги имаат, постапката за избор на кандидати за обука на контролори на летање е се уште во тек, како и дека М-НАВ, е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, којашто е обврзана да ги следи строгите правила во воздушниот сообраќај. – Во однос на вашите прашања според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е се уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка, рече во одговор на новинарско прашање портпаролот на Владата Душко Арсовски. лв/ац/

Остани поврзан