• понеделник, 23 декември 2024

Млади во Скопје се натпреваруваат во подготовка на бетон

Млади во Скопје се натпреваруваат во подготовка на бетон

Скопје, 10 јули 2023 (МИА) - Натпревар меѓу студенти и ученици во подготовка на бетонска мешавина започна денеска во дворот на фабриката „АДИНГ“ во Скопје. Станува збор за едукативно - стручен настан со име „Бетон.ск“, во рамки на серија настани насловена како „Скопско асеизмичко лето“, со цел одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес.

Младите се натпреваруваат во подготовка на бетонската мешавина и со неа ќе докажат колку можат да постигнат добар резултат. Компанијата ќе ги награди и за нивното учество, како и со износ за победниците, кои ќе бидат прогласени на 26 јули. Резултатите ќе бидат испитани во лабораториите на фирмата.

Генералниот директор Зоран Петровски пред присутните рече дека „АДИНГ“ е компанија што произведува хемија за градежништвото.

- Односно, тоа е фармација за градежништвото. Компанија што произведува под сопствен бренд и извезува под сопствен бренд, нагласи тој.

Директорката на средното скопско училиште „Здравко Цветковски“, Атина Томовска кажа дека се чувствуваат почестени што се дел од оваа манифестација.

- Зошто е ова убаво? Затоа што токму во училиштето се почетоците на сите идни успеси. Нашите ученици стануваат идни студенти на Градежниот факултет, а понатаму идни вработени во компании, успешни како што е „АДИНГ“, нашиот домаќин. Училиштето школува нешто повеќе од 800 ученици по струката, дел од нив ќе се презентираат во денешниот настан, а тоа што е интересно, можеби е необично, ама ние денеска дојдовме со сосема женски тим, истакна Томовска.

Според деканот на Градежен факултет, Горан Марковски, тоа што се дојдени со средношколки, „покажува и значи колку внимание се посветува на оваа струка и колку е избран тим донесен од страна на средното градежно училиште“.

- Целта на овој настан е да ја подигне свеста за неопходноста од квалитетно градежништво, што подразбира изградба на квалитетни отпорни конструкции, што се единствен наш спасител и единствено решение или единствен наш одговор на катастрофалните земјотреси, односно катастрофалните други природни појави, за што гледаме дека се сѐ позачестени денес, појасни деканот.

Тој порача дека нема квалитетни објекти без квалитетни материјали.

- Бетонот, како компонента, е најзастапен материјал во градежништвото на светски рамки. Но, истовремено, поради својата структура и начин на производство, е најчувствителен на можни импровизации. Колку помалку импровизации во градежништвото, толку ќе имаме поквалитетни објекти, посочи Марковски, потенцирајќи дека за да се добие квалитетен бетон, потребни се и знаење и одговорност.

Не се коцкај со бетон, е пораката што сакаат да ја нагласат организаторите со настанот.

„Бетон.ск“ е во организација на Градежниот факултет, „АДИНГ“ АД Скопје и СГГУГС „Здравко Цветковски“. бд/лв/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан