Мишел Обама призна дека користела „ќотек“ како воспитна мерка
- Иако веќе не се согласува со потплеснувањето, сепак нагласи дека поставување јасни граници е важно.
Лос Анџелес, 5 мај 2025 (МИА) - Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама во својот поткаст говореше за чувствителен период од животот како родител - физичкото казнување на ќерките. Притоа, вели, со текот на времето - кога сфатила „какво е чувството“, т.е. како боли тоа, го променила пристапот. И, иако веќе не се согласува со потплеснувањето, сепак нагласи дека поставување јасни граници е важно во воспитувањето.
- Се почувствував глупаво. Потребни беа неколку потплеснувања по задникот за да сфатам дека не сакам веќе да го правам тоа. Си помислив: Ова е мало дете, објасни Обама.
Мишел, која има две ќерки со поранешниот претседател Барак Обама - Малија (26) и Саша (23), сепак, жали за „времињата кога имало построги и појасни правила“ во воспитувањето. Таа нагласи дека не ги осудува другите родители, туку едноставно го споделува сопственото искуство и како нејзиниот пристап се менувал низ годините.
- Сепак, не го споделувам целосно пристапот на тн. „модерно родителство“. Би сакала да вратиме некои од вредностите што ги имавме тогаш, додаде таа.
Позната по својата посветеност и искреност околу мајчинството, Мишел призна и колку е тешко да се најде рамнотежа во воспитувањето деца денес.
- Родителите денес премногу се плашат да постават граница. И мислам дека тоа е еден од предизвиците со коишто се соочуваме во денешнината... Никој не е совршен. Целта е да ги научите, промените и да им го дадете најдоброто што можете на вашите деца, заклучи Обама. си/паг/
Фото: МИА архива