• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката на семејството на загинатиот македонски државјанин во Нови Сад

Мицкоски: Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката на семејството на загинатиот македонски државјанин во Нови Сад

Скопје, 2 ноември 2024 (МИА) – Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката на семејството на загинатиот македонски државјанин во вчерашниот немил настан во Нови Сад, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање, по надзорот на патниот правец Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10д.

Прашан дали државата ќе му помогне на семејството на загинатиот македонски државјанин, премиерот рече дека уште во текот на вчерашниот ден министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остварил комуникација со неговиот српски колега.

– Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој воспостави комуникација со неговиот колега, работиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката поради овој немил настан, рече Мицкоски.

Меѓу загинатите на Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна бетонски покрив од зградата на станицата, се наоѓаше и Васко Саздовски од Северна Македонија.

Според информации на „Политика“, овој 45-годишен научник работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврди веста за „Политика“.

- Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера, изјави Црнојевиќ за весникот.

Според информации од неговите колеги, Саздовски работел таму нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го поминувал дома во Северна Македонија, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На пат тргнал и кобниот петок, 1 ноември.

Во Нови Сад се прогласени тридневни денови на жалост, почнувајќи од денеска поради загубата на 14 лица врз кои се урна масивниот бетонски покрив на железничката станица. ра/цр

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан