• сабота, 16 ноември 2024

Мицкоски: Од денеска има само една опција - предвремени парламентарни избори

Мицкоски: Од денеска има само една опција - предвремени парламентарни избори

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - Четири недели Ковачевски имаше можност да избере меѓу двете наши понуди, но од денеска тие веќе не важат и има само една опција - предвремени парламентарни избори, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во вечерашното интервју на Канал 5, тој рече дека не само што власта и опозицијата не преговараат, туку се и многу далеку од преговори.

-Нашата позиција е јасна, ние играме со отворен гард. Двете опции што ги понудив на лидерската средба беа на маса до овој момент, но се уште не слушнав од Ковачевски која опција ја прифаќа, првата или втората. Од денеска има само една опција на маса - предвремени парламентарни избори, истакна Мицкоски.

Според него, можно е сценарио ВМРО-ДПМНЕ да има 61 пратеник, а последната опција е коалиција со ДУИ, особено со актуелното раководство на оваа партија. 

-ВМРО-ДПМНЕ има јасен став дека последната варијатна за соработка е ДУИ, посебно со ова раководство на ДУИ и се ќе направиме иднината Влада да биде без ДУИ и тука нема дилема, подвлече Мицкоски. 

Тој нагласи и дека условувањето за ЕУ е бугарски диктат, а нема подобро од тоа, како што истакна, земјава да почне преговори со зачуван идентитет. 

-Нема да прифатиме ваков диктат. Сакаме процес за ЕУ што ќе почне и ќе заврши. Подготвени сме да разговараме за се, но имаме свои правила за овој народ и оваа држава, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека нема да се случи, како што рече, пратеници од неговата партија да гласаат за уставните измени. За нови разговори со Ковачевски, пак, може да се размислува само ако се за дата за предвремени избори.

-Може да седнеме да разговараме за дата за предвремени избори час поскоро. Ние дури и предложивме измени во Изборниот законик - да не важи техничката влада за предвремени избори. Според ДИК, потребни се околу 55 дена, подготвени сме да го забрзаме тој процес, подвлече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи, е против измените на законите за родова еднаквост и за матичната евиденција и го поддржува собирот на МПЦ-ОА што се одржа вечерва во Скопје. мч/лв/

фото: принт скрин

Остани поврзан