• недела, 22 декември 2024

Мицкоски најавува целосна блокада на институциите, ако нема договор за избори ова лето

Мицкоски најавува целосна блокада на институциите, ако нема договор за избори ова лето
Скопје, 18 јуни 2022 (МИА) - Ако нема договор за избори ова лето, ќе преминеме кон целосна блокада на институциите и протести, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата. Блокадата, како што рече, ќе биде за спас од штетата која сега ја плаќаме. - Некој ќе праша - дали од сето ова ќе има штета. Одговорот е дека најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета. Нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална. Најтешката зима следи, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот, рече Мицкоски, додавајќи дека ова лето ќе биде протестно лето. Рече дека од денес ќе прифати единствено средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара само за предвремени избори и за клучните прашања. - Пред неколку месеци до Ковачевски понудив тимови за помош во повеќе клучни области и средба на која ќе зборуваме за сето тоа. Но, до денес нема никаков одговор. Од денес единствената средба што ќе ја прифатам е таа на која ќе зборуваме само за клучните теми за Македонија и за предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски. Активната блокада на Собранието, како што оцени, ги дала очекуваните ефекти. Поради погрешната политичка стратегија, како што рече Мицкоски, им се одзема иднината на генерации млади луѓе. - Како продолжение на таа политичка агресија што се врши врз Македонија, македонскиот народ и граѓаните на Македонија, пристигна последниот предлог кој е актуелен овие два-три дена кој во Владата се прават дека ниту го виделе, ниту, пак, слушнале за него, а тие го договарале, посочи Мицкоски. Го повика Ковачевски да не го потпишува предлогот и порача дека доколку Владата реши да го донесе овој договор на сила, тогаш дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да применува ниту една точка од тој договор. - Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека ја сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него, истакна Мицкоски. Според него, новиот предлог не е ништо друго освен капитулација и бугаризација на земјата на рати или дипломатски нокаут.

-Во тој предлог нема дата за почеток на преговори, туку има услов ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата  на Софија. Не лажеа дека не преговараат за јазикот и за идентитетот и не убедуваат дека по којзнае кој пат го заштитиле македонскиот јазик. Тоа што до вчера беше наш проблем со официјална Софија, со овој предлог станува наш проблем со официјален Брисел и целата ЕУ или попрецизно асимилација, бугаризација, па потоа  европеизација или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ, рече Мицкоски.

Упати порака и до Бугарија велејќи дека добрососедски односи не се некој да се блокира.  - Наместо да не поддржувате, не блокирате. Тоа не се европски вредности, рече Мицкоски. свс/вј/бак/

Остани поврзан