• четврток, 21 ноември 2024

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваме да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваме да се реализираат големи инвестиции

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Продуктивен состанок, ефикасна и надежна дискусија е впечатокот на претседателот на Владата Христијан Мицкоски и на претставниците од Стопанската комора на Германија (OA-Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft) кои денеска остварија средба во Берлин.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, биле промовирани инвестициските можности и капацитети во државата, а странските компании изразиле интерес за нови инвестиции во државата.

- Голем дел од компаниите коишто беа присутни на овој состанок се веќе присутни со свои производни погони кај нас. Имаше и такви компании коишто недвосмислено изразија желба да инвестираат кај нас и да бидат присутни на македонскиот пазар. Нормално, разменивме детали за понатамошен контакт и мислам дека многу скоро од денеска ќе бидеме посетени, ќе ги отвориме преговорите за можно нивно инвестирање. Наша цел како Влада уште од самиот почеток беше подготвување на инвестициската клима и зголемување на инвестициската активност на компаниите не само домашните и на странските исто така. Мислам дека во Германија ова е исклучителна голема можност, имајќи предвид дека нашата трговска размена надминува повеќе од пет милијарди евра, изјавил премиерот Мицкоски.

Дел од претставниците на германската Стопанска комора посочиле дека очекуваат да ги зголемат нивните капацитети во нашата држава.

- Разговаравме за прашања поврзани особено со енергетиката и инфраструктурата, како и за фармацевтските производи и дигитализацијата, која е многу важна тема во дискусијата. Време е за следење, така што со нетрпение очекуваме да ги зголемиме нашите активности во Северна Македонија. Германија доживува одредени потешкотии во нашиот економски развој така што малку потпишуваме. Германија е сè уште една од најголемите економии во светот и она што ни помага е локалната стратегија на германскиот бизнис. Порано произведувавме сѐ во Германија и ги снабдуваме светските пазари, а сега германските компании одат во регионот и произведуваме во регионот, истакнал Мајкл Хармс.

Андреас Шоле посочил дека развиваат проекти на ветерни електрани.  - Источно од Куманово, го започнавме овој проект пред неколку години, но бевме заглавени. Сега со поддршка на премиерот и неговата Влада, гледаме дека има навистина огромен потенцијал што можеме да тргнеме напред многу брзо и така нашата инвестиција може да се реализира многу брзо. Така што се надеваме во мандатниот период дека ќе можеме да исполниме сè, а можеби дури и да започнеме со нашето производство на електрична енергија, изјавил Шоле.

Емилија Царева, ПроКредит Банка Германија, како што е наведено во соопштението, изразила благодарност што можеле да бидат дел од средбата со премиерот на Република Северна Македонија.

- Малите и средните претпријатија за Владата на Северна Македонија, а исто така и за нас се целта и столбот, како на секоја економија. Ние 20 години ги поддржуваме претпријатијата. Многу ја цениме поддршката на Централната банка и Владата на Северна Македонија, ПроKредит банка во Македонија ги поддржува инвестициите на малите и средните претпријатијата. Одржливата економија, инвестициите во обновливи извори на енергија, беа денешни теми како и дигитализацијата во земјата, изјавила Царева.

Претставникот од Дојче Телеком, како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, посочил дека условите за странски инвестиции се многу добри. дма/бак/

Фото: Влада

 

Остани поврзан