• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Брвеница се менува, продолжуваме да инвестираме во патната инфраструктура

Мицкоски: Брвеница се менува, продолжуваме да инвестираме во патната инфраструктура

Тетово, 17 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска посети неколку места во Општина Брвеница каде заедно со градоначалникот Јовица Илиевски пуштија во употреба реконструирани улици во Брвеница и Радиовце, а воедно направија увид во реконструкција на училиште.

Тој истакна дека му е задоволство да присуствува на завршени проекти во делот на патната инфраструктура кои што изминативе децении биле ветувани, но никогаш не биле завршени.  

- Еве, сега, овој градоначалник, заедно со оваа општинска администрација, со овој совет којшто ја поддржува работата на Јовица, може да биде горд затоа што децениските ветувања конечно се реализирани и конечно жителите во ова населено место во Општина Брвеница ќе имаат можност да тоа што го очекувале со децении го почувствуваат и видат и да може да уживаат во подобар комфор во својот живот, рече премиерот.

Дополни дека останатото коешто го споменал градоначалникот се проекти коишто се реализирани или во периодот којшто следи ќе бидат реализирани.

Во Радиовце беше пуштена во употреба улицата „1“ со четири краци, а во Брвеница улицата „Дубрава“ исто така со четири краци. Двете улици се финансирани од Светска банка преку Министерството за транспорт. Реконструкцијата на ОУ „Коста Рацин“ во  Брвеница се прави со над 20 милиони денари обезбеди од Министерството за образование и наука.

- Пуштањето во употреба на улицата во Радиовце е капитална историска инвестиција во селото која жителите ја сонуваа повеќе од 40 години, а сега е реалност. Целосно реконструирана улица во Поречко маало, со асфалт, атмосферска и фекална канализација, тротоари и сигнализација. Општина Брвеница ќе биде меѓу првите која ќе ги искористи средствата обезбедени од Владата за капитални инвестиции во вредност од 39 милиони денари за повеќе улици и патишта во сите десет населени места, изјави градоначалникот Јовица Илиевски.

Со 39-те милиони денари ќе се реконструира улица во Брвеница и Долно Седларце со должина од 845 метри, две улица во Челопек од 845 метри и Горни Челопек од 466 метри, улици од 946 и 524 метри во Милетино, во Радиовце нова делница од 458 метри.

Во сите десет населени места ќе се изградат веранди за одмор и престој на граѓаните на отворено и исто толку детски игралишта. ас/ар/

ФОТО: Влада на РСМ

 

Остани поврзан