• вторник, 19 ноември 2024

Митревски: Доколку опозицијата достави предлог за формирање Анкетна комисија прифаќаме дискусија во Собрание

Митревски: Доколку опозицијата достави предлог за формирање Анкетна комисија прифаќаме дискусија во Собрание
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски изјави дека доколку опозицијата достави предлог за формирање Анкетна комисија што ќе го ревидира трошењето на народни пари за време на сите кризни состојби, СДСМ се подготвени да прифатат и да дискутираат во Собранието. - Да, ќе ја прифатиме, да разговараме во Собранието и за тоа што сега се случува во енергетскиот сектор, но и за тоа што се случувало во минатиот период во енергетскиот сектор, во време на ВМРО-ДПМНЕ. Како тоа се набавувала струја три пати поскапа од пазарната. Како во период кога немало енергетска криза струјата поскапела 100 проценти. Колкаво било тогаш, во време на ВМРО-ДПМНЕ субвенционирањето на сметките за струја, а колкаво е сега, колкав е пакетот мерки и колку се вложува сега за да им се помогне на граѓаните а колку вложувале претходно. Дали се вложувало тогаш во некој енергетски објект или во приватни мини хидро централи? Или сега се вложува во фотоволтаици,изјави Митревски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија. Координаторот на пратеничката група на СДСМ потврди дека ја прифаќаат намерата, а до опозицијата порача да го достават предлогот, по што ќе биде отворена дискусија. На прашањето дали СДСМ ќе успее да ги убеди коалициските партнери за гласање на уставните измени, Митревски истакна дека ако се најде начин за двотретинско мнозинство за уставните измени за внесување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и сите кои имаа барање тоа да се случи, нема да има проблем со коалициските партнери. - Ние функционираме во иста коалиција и секако дека имаме различни мислења по одредени прашања, но сепак мислам дека нема да има никаков проблем, заклучи тој. Во однос на блокадите во Законодавниот дом, координаторот на пратеничката група на СДСМ оцени дека се неодговорни и дека со нив не се постигнува ништо, освен што се одолговлекува.
-Како ќе се однесува опозицијата не можам да проценам, очекувам да не ја продолжи досегашната пракса, можеби сум оптимист, но се надевам дека ќе победи разумот кај опозицијата и дека ќе ги стават граѓаните на прво место. Одлуката за бојкот не е на пратениците туку на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вели Митревски. ки/цр

Остани поврзан