• петок, 05 декември 2025

Мисајловски: Илиден - наш непокор, но и обврска да се обединиме за напредок на Македонија, за изградба на модерно просперитетно и европско општество

Мисајловски: Илиден - наш непокор, но и обврска да се обединиме за напредок на Македонија, за изградба на модерно просперитетно и европско општество

Скопје, 2 август 2025 (МИА) - Министерот за одбрана, Владо Мисајловски по повод празникот Илинден упати честитки до припадниците на Армијата, вработените во Министерството за одбрана и до сите граѓани.

Тој во честитката посочува дека ова е денот кога се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата жртва испишаа страници од македонската историја.

-Ова е денот на Илинденско востание и првата Република на Балканот, но и на АСНОМ и Народноослободителната борба. Ова е денот кој е светилник на нашата борба за сопствена држава, синонимот на нашето постоење, на нашиот непокор! Денот кој е симбол на нашата голема победа!, посочува министерот за одбрана.

Мисајловски нагласува дека во знак на благодарност за сите знајни и незнајни херои од нашата историја кои ги поставија темелите врз кои опстојува нашата денешна Македонија, наша должност е да го почитуваме и да го славиме овој голем ден.

-Наша обврска е и да се обединиме околу заедничките желби за напредок и успешност на Македонија, да продолжиме да работиме посветено на изградба на модерно просперитетно и европско општество. Нека ни е честит и вековит Денот на Републиката – 2ри Август, Илинден!, потенцира министерот Мисајловски во честитката.

Мисајловски заедно со заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и министерот за правда Игор Филков положија венец цвеќе во Меморијалниот центар во Пелинце посветен на Првото заседание на АСНОМ.

На спомен обележјето Мечкин камен во Крушево венец со цвеќе положи делегација предводена од началникот Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Делегации од Министерството за одбрана и Армијата положија венци со цвеќе на спомен обележјата на првиот Претседател на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“, споменикот на „АСНОМ“ и пред споменикот на Никола Карев пред македонското собрание во Скопје и на гробот на Никола Карев, споменикот „Слива“ и на Мечкин Камен во Крушево.фф/вг/

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан