• петок, 22 ноември 2024

„Мироносни цвеќиња“ од Живко Поповски - Цветин за бебињата што ќе се родат на Божик

„Мироносни цвеќиња“ од Живко Поповски - Цветин за бебињата што ќе се родат на Божик
Скопје, 4 јануари 2021 (МИА) - Македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски - Цветин по повод божикните празници ќе има подари „Мироносни цвеќиња“ на сите новороденчиња во земјава што ќе се родат на Божик - 7 јануари 2021 година. Организатор е Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ - Скопје. Цветин години наназад своите цветни подароци ги даруваше во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар, како и преку Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје. Годинава тој ќе подари над 150 свои мироносни цвеќиња на радоста, љубовта за сите новороденчиња во болниците низ Скопје, Битола, Гевгелија, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Гостивар, Кичево, Кавадарци, Кочани, Охрид, Тетово, Струга и др. -Раѓањето на Исус Христос симболично е преку раѓањето на дечињата кои носат радост и љубов на луѓето, вели Цветин. Поповски своите подароци ќе ги врачи на институциите и на мајките за нивните деца на 8 јануари 2021 година. Живко Поповски - Цветин во 2003 година имаше изложба „Цвеќе на радоста, љубовта“, во Специјалната болница „Мајка Тереза“, а неколкупати потоа исто така подари свои мироносни цвеќиња за новороденчињата во оваа специјална болница. Живко Поповски има подарено слика-цвеќе за петмилјардитиот жител на планетава што се роди во Загреб за време на одржувањето на „Универзијадата“ во 1987 година. Во една прилика, отец Стефан Санџаковски ќе напише: „Маестро Поповски се интересира пред сé за она што е вечно во минливите облици на животот. Заради тоа, статичните белези на неговото сликарство се привидни. Зад него се крие еден динамизам чија природа е внатрешна. Очебиен е напорот на Маестро Поповски да ги врамнотежи духот и материјата, вечното и минливото, Бога и човекот, природата и метафизичкото“. мд/скс/

Остани поврзан