• петок, 22 ноември 2024

МИОА: Усогласувањето за правичната застапеност при вработувања во јавниот сектор е со податоци од вкупно попишаните лица

МИОА: Усогласувањето за правичната застапеност при вработувања во јавниот сектор е со податоци од вкупно попишаните лица
Скопје, 15 август 2022 (МИА) - При усогласување на податоците од последниот Попис, а во врска со вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност што се врши со Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор од Министерството за информатичко општество и администрација за МИА велат дека за основа се земени предвид податоците добиени од вкупниот број попишани лица. МИА денеска побара одговор од ресорното Министерство по објавата на „Сакам да кажам“ дека „според Методологијата која ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население“.
-Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно за Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност донесена од 2016 година, нема направено никакви измени во истиот документ. Напротив, ги усогласи податоците со податоците од Пописот на населението спроведен во 2021 година од Државниот завод за статистика. Податоците за кои станува збор се јавни и се добиени на службен начин. При ова усогласување на податоците, за основа се земени предвид, податоците добиени од вкупниот број на попишани лица, стои во одговорот од МИОА дали алатката „Балансер“ ги користи податоците само од резидентото население или ги зема предвид резидентно и неризидентно.
На  веб страницата на МИОА на 5 август беше објавено соопштение дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот Попис во 2021 година. -Имајќи ја во предвид поврзаноста на резултатите од спроведениот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година со одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација Ве известува дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот попис во 2021 година. При подготовка на годишните планови и електронската распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница за 2022 година, како основ ќе бидат земени податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Северна Македонија за територијата на цела Република Северна Македонија за институциите кои се основани од страна на централната власт, односно податоците од последниот спроведен попис на населението на Република Северна Македонија за единиците на локалната самоуправа во која е сместена таа институција, стои во соопштението. Во  него МИОА воедно наведе дека Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, предвидува механизам за постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Во 2016 година беше донесена Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор, согласно која секоја институција ќе мора да изготви годишен план за вработување и согласно годишниот план да ги спроведува постапките за вработување. Изработена е веб алатка достапна на веб локацијата https://balancer.mioa.gov.mk/ преку која електронски се врши распределбата на планираните нови вработувања, согласно соодветната и правична застапеност. Според резултатите од Пописот, кои беа објавени во март вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци. Во резидентно население се вклучени и 132 269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1 836 713 лица. Податоците за нив, како што објасни директорот на ДЗС Апостол Симовски при обавувањето на резултатите, биле преземени од административни извори и во нив нема податоци за етнички или верски карактеристики. Бројот на вкупно попишаното население, пак, изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи. лв/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан