• понеделник, 23 декември 2024

Министерството за правда ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени

Министерството за правда ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Министерството за правда денеска ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени предложени од парламентарните политички партии и од институциите.

Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истече ноќеска на полноќ. 

-Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партија на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партија за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократска партија на Турците, се предлозите од парламентарните политички партии за членови во работната група

Од институции се предложени Александар Спасов од Кабинет на претседател на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријат за европски прашања и Шпенд Садики од Министерство за надворешни работи.

Од Министерството за правда велат дека експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе се соопштат до крајот на неделава.

-Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда. дма/нд/

Фото:МИА архива

Остани поврзан