• петок, 22 ноември 2024

Министерот Сали ќе објави детали за случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“

Министерот Сали ќе објави детали за случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“
Скопје, 20 јули 2022 (МИА) - Министерот за здравство Беким Сали денеска ќе одржи прес-конференција на која се очекува да објави повеќе детали за случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ по објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија. Министерот Сали во понеделникот на прес-конференција информираше дека е пратен допис до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“ и дека Агенцијата за лекови Малмед веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација. Целта на извештајот, како што рече, ќе биде да ја констатира фактичката состојба и да ги адресира сите сознанија до кои ќе се дојде. – Од Извештајот очекувам неколку елементи како краен резултат. Јасно утврдување на системски недоследности за кои одговорно тврдам дека сите кои се во моја надлежност како министер ќе ги исправам во најкус можен рок. Извештајот ќе има за цел да ја констатира состојбата и јас лично ќе го доставам до надлежните институции за понатамошно постапување. МЗ и јас како министер моравме да ги добиеме сите информации за да ја имаме севкупната слика за на јавноста да и доставиме само издржани и релевантни информации. И уште поважно, семејствата на пациентите заслужуваат да имаат транспарентна севкупна информација, рече Сали на прес-конференцијата во понеделникот. По објавувањето на сторијата „Нечиста крв“ на ИРЛ, Обвинителството оформи предмет. Од ИРЛ информираа дека по објавувањето на документарецот, до нивната редакција стигнале стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем. Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватната болница, која имаше најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата, го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган. Во документарецот сведочи семејството Брезеви, кои изгубиле член, кој се лекувал во болницата. Сопругата на починатиот за ИРЛ раскажува дека покрај лекувањето на Ковид, нејзиниот сопруг добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта. Новинарите од ИРЛ разговарале со уште 20-ина семејства чии блиски починале во болницата и добиле слични или исти сведоштва. фф/бак/

Остани поврзан