• четврток, 12 декември 2024

Министерката за финансии ќе биде следна претседателка на Швајцарија

Министерката за финансии ќе биде следна претседателка на Швајцарија

Берн, 11 декември 2024 (МИА) – Швајцарската министерка за финансии Карин Келер-Сатер ќе стане претседателка на нејзината земја во 2025 година, по нејзиниот денешен формален избор од двата дома на парламентот.

Таа ќе ја преземе претежно церемонијалната улога покрај службените должности како министерка, како што е вообичаено во Швајцарија. Седумте членови на владата наизменично ја извршуваат претседателската функција секоја година.

Келер-Сатер припаѓа на Слободната демократска партија (ФДП). Меѓутоа, во швајцарскиот систем, министрите се независни од исходот на парламентарните избори и првенствено одговараат на колегијалната влада, а не на нивните партии.

Келер-Сатер стана меѓународно позната во 2023 година кога ја презеде одговорноста за спасувањето на проблематичната банка Кредит Свис (Credit Suisse). Таа го објави спасувачкиот пакет, кој вклучуваше преземање од ривалската банка УБС со првични државни гаранции.

Келер-Сатер е обучен толкувач и преведувач на конференции. Таа е во владата од 2019 година. Таа ќе ја наследи Виола Амхерд на претседателската функција. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан