• среда, 13 ноември 2024

Милевски: Над 30.000 жители на Демир Хисар следната зима ќе ја дочекаат без проблеми со новата механизација за одржување на патишта

Милевски: Над 30.000 жители на Демир Хисар следната зима ќе ја дочекаат без проблеми со новата механизација за одржување на патишта

Скопје, 18 април 2021 (МИА) - Во рамки на проектот за јакнење на регионалните капацитети за одржување и заштита на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион, набавен е функционален комплет на механизација, товарно возило, плуг и соларка, за зимско одржување на сите видови на патна инфраструктура на територијата на општина Демир Хисар, соопшти Министерство за локална самоуправа.

- Бенефит од проектот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе имаат околу 30.000 жители на Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани, а вкупната вредност на инвестицијата  е над седум милиони денари заедно со општината Демир Хисар. Со набавката преку проектот е да се придонесе кон зајакнување на техничките капацитети на Пелагонискиот регион за одржување и заштита на локалната и регионалната патна инфраструктура, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој појасни дека на овој начин ќе се подобри ефикасноста на Јавното комунално претпријатие во Пелагонискиот регион при извршувањето на своите надлежности и давањето на услуги на населението и стопанството, а исто така ќе се зголеми безбедноста на локалните и регионалните патишта во зимски услови како и зголемување на протокот на луѓе и стоки на територијата на Пелагонискиот регион.

- Во период од 3 и пол години ова е трето возило кое што го набавуваме преку Пелагонискиот плански регион. Двете возила беа за собирање на комунален отпад и ова возило за одржување на локалните патишта. Како општина Демир Хисар кофинансиравме во проектот во висина од 3 милиони и 700 денари затоа што ни претставуваше приоритет за одржувањето на  патиштата. Ние имаме околу 100 км локални патишта и со ова возило непречено ќе работат од страна на јавното комунално претпријатие, истакна градоначалникот на општина Демир ХисарМарјанче Стојановски.

Од Центарот за развој на Пелагониски плански регион потенцираа дека овој регион во зимскиот период изобилува со обемен снег и ниски температури, така што од тие временски услови се појавила иницијативата на градоначалникот за набавка на возилото.

- Преку оваа набавка ќе се направи заштеда на јавните претпријатија со тоа што нема потреба повеќе да се ангажира приватна механизација така што директно јавното комунално претпријатие ќе ги подобрува условите за живот  на локалните граѓани во Демир Хисар но и за тие кои патуваат постојано во овој регион, истакна Гого Видимче, директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион. ац/

Остани поврзан