• понеделник, 18 ноември 2024

Микати: Либанската влада е подготвена да го зголеми бројот на војници на југот на земјата

Микати: Либанската влада е подготвена да го зголеми бројот на војници на југот на земјата

Бејрут, 15 октомври 2024 (МИА) - Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска изјави дека е подготвен да го зголеми бројот на војници на југот на земјата доколку се воспостави примирје со Израел, додавајќи дека израелската армија прави кратки упади во таа погранична област која е упориште на Хезболах.

Во интервју за Франс прес, премиерот Микати посочи дека меѓународната заедница прави „сериозни напори“ за постигнување примирје во отворената војна што Израел ја води против проиранскиот Хезболах од пред три недели.

-Либанската држава е подготвена да го наметне својот суверенитет на целата либанска територија во согласност со меѓународните резолуции, рече Микати.

Резолуцијата 1701 превидува дека само армијата и мировните сили на ОН можат да бидат распоредени на југот на земјата.

-Во моментов имаме 4.500 војници на југот и сакаме да го зголемиме тој број на меѓу 7.000 и 11.000 војници, рече Микати.

Израелската армија од 30 септември врши копнени упади во Либан, а според изјавата на либанскиот премиер, израелски војници влегуваат и излегуваат од либанска територија на југ.

Микати, исто така, соопшти дека либанската Влада презела засилени безбедносни мерки на меѓународниот аеродром во Бејрут за на Израел да му го „одземе секој изговор“ да го гаѓа  аеродромот. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан