• петок, 22 ноември 2024

Мизрахи: Првата седница на Анкетната комисија за Онкологија закажана за утре

Мизрахи: Првата седница на Анкетната комисија за Онкологија закажана за утре

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која е претседател на Анкетната комисија за случајот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, во изјава за медиумите најави дека првата седница на комисијата ќе биде закажана за утре. Таа порача дека како претседател на Анкетната комисија ќе ги заложи сите свои знаења, умеење, труд и со сите останати колеги од комисијата како и новинарите, за да се извади вистината на виделина.

- Во текот на вчерашниот ден беше изгласана одлука за избор на членови и заменици членови на комисијата, а денеска предмалку, официјално од страна на Генералниот секретар се назначени и собраниските соработници и службеници кои ќе бидат дел од оваа Анкетна комисија, со што целосно се исполнија условите за почеток со работа на оваа Анкетна комисија, изјави Мизрахи.

Таа исто така информираше дека согласно одлуката, комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите коишто се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во таа клиника и целокупниот здравствен систем.

На новинарското прашање дали доколку се потврди политичка одговорност, ќе се бара и друг вид на одговорност од страна на Анкетната комисија и дали во комисијата ќе бидат инволвирани сегашни и поранешни директори на онкологија како и други функционери, Мизрахи рече дека сите релевантни институции функционери секако ќе бидат повикани на разговор доколку одлучи комисијата такво нешто. сх/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан