• понеделник, 23 декември 2024

МЖСПП ќе се заложи за брзо решавање на проблемот со вода за пиење во делчевското село Ѕвегор

МЖСПП ќе се заложи за брзо решавање на проблемот со вода за пиење во делчевското село Ѕвегор

Делчево, 25 јули 2024 (МИА)  - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ќе преземе мерки за прекинување на договорот со изведувачот на работите за изградба на водоснабдителен систем во делчевското село Ѕвегор. Ова е одговорот на Министерството упатен кон жителите од село Ѕвегор, кои минатата недела протестираа поради долготрајната работа за изградба на водоснабдителниот систем, поради што дел од жителите повеќе од два месеца се без вода за пиење. 

-Почитувани, во врска со реализација на проектот за Изградба на водоснабдителни системи во село Ѕвегор и село Габрово, Општина Делчево, Ве известуваме дека бавното темпо за реализација на проектот, како и значајниот прекин на работите согласно известувањето од страна на надзорот и лицето овластено за следење на реализација на проектот се по вина на изведувачот на работите. Имајќи ја предвид несериозноста на изведувачот на работите, Министерството презема мерки во насока на Прекинување на договорот со изведувачот на работите, како и активности за избор на избор на изведувач, кој ќе ги заврши во целост работите, со цел излегување во пресрет на населението, се вели во известувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму наведуваат дека се преземаат сите потребни мерки за завршување на неопходните работи во најкраток рок, со цел населението да се обезбеди со вода.

-Се надеваме на разбирање од Ваша страна за настанатата ситуација и Ве уверуваме дека ќе се преземат сите мерки за решавање на проблемот со водоснабдување во најкраток рок, се додава во одговорот на МЖСПП.

Жителите на село Ѕвегор поради хроничниот недостиг на вода, минатата недела едночасовно го блокираа патот кон Бугарија, а кон блокадите им се придружија и сите советници во делчевскиот Совет и градоначалникот на Делчево Горан Трајковски. вс/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан