• понеделник, 23 декември 2024

Меџити потпиша договор за грант од швајцарска амбасада во висина од три милиони евра, со цел забрзување на процесот на собирање на отпад

Меџити потпиша договор за грант од швајцарска амбасада во висина од три милиони евра, со цел забрзување на процесот на собирање на отпад

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) – Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска, со регионалниот директор на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Матео Коланџели, потпиша договор за грант од швајцарската влада во вредност од три милиони евра, со цел забрзување на процесот на собирање на отпад во државата. 

Како што посочи Меџити, со Договорот којшто значи институционална поддршка и корпоративно управување, се очекува да биде олеснет процесот на собирање отпад и ќе придонесе за развој кон наредна фаза, односно рециклирање на отпадот. 

– Потпишувањето на Договорот значи помош за институционална поддршка и корпоративно управување, со цел да се забрза и олесни процесот на собирање отпад во државата и да одиме во наредна фаза рециклирање и решавање на овој долгогодишен проблем на нашите граѓани во државата, рече Меџити.

Директорот на ЕБОР, Коланџели, во своето обраќање посочи дека животната средина на Западен Балкан е главен фокус на Европската банка за обнова и развој, истакнувајќи дека ова е прва инвестиција од ваков вид.

– Ова е прва инвестиција од ваков вид, каде со поддршка во управувањето со цврст отпад се опфатени 45 општини од различни региони во земјата, додека над милион луѓе ќе имаат директна корист. Навистина сме горди на она што го правиме заедно со нашите партнери и фокусирани сме кон ефикасно и брзо спроведување на оваа инвестиција. Како што знаете, наш фокус е животната средина на Западен Балкан, вклучително и оваа земја, така што доста ќе се занимаваме во идниот период со оваа тема, со цел да ги зајакнеме капацитетите на оваа земја и во рамките на нашата стратегија која што ќе биде изготвена за 5 години која ќе биде работена со вашата Влада. Досега инвестиравме многу, околу 3 милиони евра, околу 200 илјади евра за нови проекти и ќе продолжиме и понатаму за подобрување на инвестициите во оваа област и подобрување на животната средина во вашата земја, посочи Коланџели.

На денешното потпишување на Договорот, во Министерството за животна средина и просторно планирање беше присутна и амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман, која посочи дека со овој грант граѓаните директно ќе можат да ги видат придобивките во пет региони во земјава, нагласувајќи дека потфатите кои што ќе бидат направени ќе бидат целосно безбедни и во согласност со регулативите и законодавството на Европската унија.

– Швајцарија навистина придонесува за развој на животната средина. Ќе бидат опфатени пет региони, каде што граѓаните ќе можат да ги видат придобивките и дека ние навистина правиме нешто во врска со ова. Кога патувам низ вашата прекрасна земја, луѓето многу често велат дека треба да направиме нешто во врска со ова и еве дојде време за тоа. Затоа Швајцарија реши да помогне и да придонесе за развојот на животната средина во овие пет региони. Исто така, покрај државата сакаме да ги вклучиме и другите чинители како „Пакомак“ со којшто сакаме да го подобриме рециклирањето и да го намалиме пакувањето, со цел да се зголеми свеста кај граѓаните да го намалат отпадот којшто го прават или рециклираат истиот. Со оваа техничка помош ќе помогнеме исто така и за депонијата во Русино, како и во другите пет региони каде што работиме, со цел да креираме нова средина. Сите овие потфати кои што ќе ги направиме ќе бидат целосно безбедни и во согласност со регулативите и законодавството на Европската унија, посочи Улан. ра/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан