• недела, 22 декември 2024

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) – Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, побара Сојузот на синдикати на денешниот протест организиран по повод Меѓународниот ден на трудот. 

Пред републичкото Собрание претседателот на Гранскиот Независен синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев порача дека е потребно враќање на работниците во земјава, ставајќи акцент на младите кои континуирано се иселуваат.

Од друга страна, претседателот на Независниот синдикат за образование и науки, Томислав Гиевски истакна дека работниците не смеат во ниту еден момент да се откажат од своите барања.

-Ние заслужуваме и мора да добиеме превоз, храна и почитување на колективните договори. Зарем работникот не заслужува да им биде платен превозот како на господата во Влада што седат, само нивните автомобили трошат гориво?!.  Ќе продолжиме со истиот притисок и најважно не смееме да се откажеме затоа што ќе ја изгубиме битката, изјави Гиевски.

Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека работниците од новиот состав на власта очекуваат да ги почитуваат посочените барања.

-Денеска сме тука да им кажеме на тие што ќе седнат во удобните фотељи дека не може да  се одлучува за нас, без нас, дека ние работниците бираме и потоа очекуваме од нив да ги почитуваат нашите барања. Да им порачаме да не се грижат само за себе, да не го злоупотребуваат европското знаменце кога е на штета на работниците, а за 24 часа да се изгласаат 78 проценти зголемени плати, тие да уживаат, а ние да патиме, истакна Трендафилов.

Пред Стопанска комора се обрати  потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кој посочи дека секој час некој работник го губи животот на работното место, дека младите не можат да се одлучат на семејство со договорите на дело и дека платите на работниците не се доволни за пристоен живот.     

-Да знаат газдите и власта дека се лопови на сите наши браќа и сестри кои што не гледаат од странство, кои си заминаа поради егзистенцијални причини затоа што немаа леб на своите деца да им дадат, одете прошетајте слушнете ги реалните проблеми на овие луѓе, на оние кои ве ставија во вашите фотелји, и што треба да ве гласаат прашајте ги за проблемите, а не да кажувате кој што направил или не направил, посочи  Пешевски.

Протестот заврши пред пред Владата каде присутните претставници на синдикатите ги повторија барањата.свс/дма/

Фото/видео: МИА и принтскин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан