• четврток, 14 ноември 2024

Меѓународниот балкански универзитет ќе додели стипендии на средношколците со најдобар постигнат успех

Меѓународниот балкански универзитет ќе додели стипендии на средношколците со најдобар постигнат успех
Скопје, 16 април 2021 (МИА) – Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) информира дека за академската 2021/2022 година ќе додели стипендии на средношколците кои покажале добар успех во средното образование, а сакаат школувањето да го продолжат на МБУ. -Програмата за стипендирање на идните студенти која се базира на успехот остварен во средното образование, а која почна да се применува од минатата година, овозможува средношколците да добијат стипендија од 50 проценти до 100 отсто во текот на нивните студии. Аплицирањето за стипендии веќе започна и ќе трае до 30 септември, односно до пополнување на предвидените квоти за студенти, велат од универзитетот. МБУ соопшти дека програмата предвидува целосна стипендија за оние средношколци кои се прогласени на најдобри во генерацијата, а 80 отсто од стипендија ќе важи за оние со среден успех 5.00 и за нив трошоците по семестар ќе изнесуваат 200 евра. За учениците со успех од 4.50 до 4.99 е предвидена стипендија од 70 проценти, односно семестарот ќе ги чини 300 евра, а за оние со успех меѓу 4.00 и 4.99 стипендијата е 60 отсто, односно школарината по семестар е 400 евра. Стипендија во висина од 50 проценти и плаќање школарина од 500 евра по семестар можат да добијат средношколци со среден успех од 3.00 до 3.99. -МБУ останува целосно посветен на поддршка на образованието и науката во Република Северна Македонија и балканскиот регион преку обезбедување стипендии до 100 проценти за најталентираните и најуспешните ученици. Од основањето до денес, над 1200 студенти ја имаат искористено нашата Програма за стипендии. Годинава, која е за нас јубилејна бидејќи одбележуваме 15 години постоење, очекуваме да добиеме стотици нови успешни студенти кои ќе станат високо квалификувани професионалци, а веќе утре и носители на одлуки за подобар свет. Тие се вистински амбасадори на Меѓународниот балкански универзитет и на нашиот модерен и квалитетен образовен систем, насочен кон студентите и кон кариерата, вели Висар Рамадани, генерален секретар на МБУ. Идните студенти можат да аплицираат за стипендии за седум факултети со 18 програми за додипломски студии во различни области, како што се компјутерското инженерство, архитектурата, психологијата, банкарството и финансиите, графичкиот дизајн, комуникациите и односите со јавност, јазиците, и друго. Програмата за стипендии на МБУ за 2021/2022 година се однесува за идни студенти од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Добиената стипендија важи и за Подготвителна програма за англиски јазик за кандидатите кои немаат потребно владеење на англискиот јазик. Сите кои ги исполнуваат условите и сакаат да студираат на престижниот универзитет можат да аплицираат онлајн на следниот линк до 30 септември оваа година. ки/ац/

Остани поврзан