Меѓународна конференција по повод Денот на проверка на факти - 2 Април
- Конференцијата „Сеопфатен пристап на целото општество кон заштита на демократијата“ ќе биде составена од четири панел дискусии и обраќања на високи претставници од ЕУ и НАТО при што ќе биде претставен и извештајот на ЕУ за закани од странски манипулации и мешање во информациската сфера.

Скопје, 2 април 2025 (МИА) - Метаморфозис и Балканската мрежа за борба против дезинформациите денеска со меѓународна конференција во Скопје ќе го одбележат Денот на проверка на факти - 2 Април, на која ќе се дискутира за информациските ризици во време на глобални промени.
Конференцијата „Сеопфатен пристап на целото општество кон заштита на демократијата“ ќе биде составена од четири панел дискусии и обраќања на високи претставници од ЕУ и НАТО при што ќе биде претставен и извештајот на ЕУ за закани од странски манипулации и мешање во информациската сфера.
Настанот, како што соопштија организаторите, ќе го отворат заменик-амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Бен Нупнау, заменичката-амбасадорка на Кралството Холандија, Манон Џенсен, координаторот на Европската мрежа за стандарди за проверка на факти Стефан Мундгес и и извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари.
Се очекува и видео обраќање од Борис Руге, помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика.
На првата панел дискусија ќе биде направен геополитички преглед на информациски закани на глобално и регионално ниво, додека втората дискусија е посветена на темата интегритот на изборите наспроти информаицските закани, при што говорниците ќе споделат искуства и препораки од Западен Балкан и ЕУ.
Третиот панел ќе ги анализира состојбите со проверка на факти и модерација на содржини на социјалните медиуми, додека четвртиот панел, велат организаторите, ќе биде посветен на методите за нарушување на текот на дезинформациите преку механизми на општествена корпорациска одговорност, презентирајќи искуства за вклучување на деловниот сектор во за интегритетот на информациите.
Говорници ќе бидат истакнати претставници на евроатланските институции, новинари и експерти од регионот и од ЕУ кои се занимаваат со информациски ризици, вклучувајќи учесници од Холандија, Финска, Белгија, Летонија, Украина Албанија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија, Словачка, Романија, Турција, Грција и Кипар.
Антидезинформациска мрежа за Балканот е основана во 2020 година од организации за проверка на факти и новинарство од целиот регион, како од земјите аспиранти за членство во ЕУ, така и од земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Метаморфозис и Иновативни медиуми (Северна Македонија), ЦРТА (Србија) и Фактоје (Албанија). Нејзините членови се придржуваат до Декларацијата која ја потврдува слободата на изразување во нејзините различни форми. нд/мд/
Фото: МИА архива