• понеделник, 23 декември 2024

Метаморфозис: Реализирани девет од 45 планирани активности во Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност

Метаморфозис: Реализирани девет од 45 планирани активности во Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА)Во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис спроведе проценка на нивото на спроведување на Стратегијата за транспарентност (2019-2021) со Акциски план усвоена од Владата во ноември 2019 година. Заклучокот на Фондацијата е дека спроведувањето на Стратегијата, која е насочена кон унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите, стагнира најголем дел од нејзиниот период на спроведување. Се препорачува да се продолжи рокот на имплементација и таа да се адаптира на новонастанатите општествено-политички услови. Како што соопштија од Метамофозис, од вкупно 45 активности на Акцискиот план, девет се целосно завршени во предвидениот рок, три се завршени со задоцнување, додека осум активности сè уште траат, односно се во тек. Дваесет и пет активности не се воопшто реализирани.

Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност опфаќа период од две години ноември 2019 – ноември 2021, и се состои од пет поглавја, односно следење и известување, пристап до информации, активна транспарентност на владата и другите органи на извршната власт, подготовка на подзаконските акти и усогласување со правото на Европата Унија. Поглавјата содржат стратешки определби, кои потоа се поделени на мерки и активности.

Фондацијата Метаморфозис соопшти дека го следи спроведувањето на активностите според индикаторите за успех наведени во самиот акциски план и служи како извештај во сенка за неговото спроведување.

-Со мониторингот е проценето спроведувањето на акцискиот план во две димензии: дали се спроведува навремено и дали се спроведува целосно, во случаен примерок од 50 институции: 16 министерства и 34 органи и тела на извршната власт. Одговори на прашалниците доставиле 33 од 50-те контактирани институции, односно 66 отсто од нив: Генералниот Секретаријат, Секретаријатот за европски прашања, 11 министерства, и 21 орган на извршната власт, соопштија од Фондацијата.

Од добиените одговори од институциите, велат од Метаморфозис, може да се заклучи дека заложбата на Стратегијата за транспарентност за делегирање на моќта по постапките за пристап до информаци не се спроведува ниту по сопствена иницијатива на институциите.

-Крајниот заклучок од мониторингот е дека спроведувањето на Стратегијата за транспарентност стагнира најголем дел од нејзиниот период на спроведување. Од вкупно 45 активности на Акцискиот план, девет се целосно завршени во предвидениот рок, три се завршени со задоцнување, додека осум активности сè уште траат, односно се во тек. Дваесет и пет активности не се воопшто реализирани, посочија од Фондацијата.

Притоа, од Фондацијата посочуваат дека временската рамка на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност се совпаѓа со период со многу неизвесности вклучувајќи ја и кризата со пандемијата и активноста која моментално е клучна и треба итно да се спроведе е продолжување на рокот на имплементација и нејзино адаптирање на новонастанатите општествено-политички услови.

Проценката е достапна на македонски јазик на веб-страницата на Метаморфозис.бт/лв/

 

Остани поврзан