• четврток, 21 ноември 2024

Менито на Олимпијадата во знакот на еколошката одржливост и намалувањето на отпадот

Менито на Олимпијадата во знакот на еколошката одржливост и намалувањето на отпадот

Париз, 27 јyни 2024 (МИА) - На Олимписките игри во Париз, коишто ќе се одржат од 26 јули до 11 август, ќе учествуваат повеќе од 15.000 спортисти од 206 земји. Тоа, земајќи ги предвид и целокупните национални тимови, е огромен готвачки предизвик, а организаторите најавија дека 80 отсто од сите јадења ќе бидат направени од намирници и состојки што виреат токму на тоа подрачје.

Покрај тоа, нешто повеќе од 60 отсто од храната ќе биде без месо, а 33 отсто се предвидува да биде целосно растителна.

Спортистите ќе јадат од чинии и садови што се мијат, наместо од оние за еднократна употреба, бидејќи Париз овојпат се сосредоточува на одржливоста и намалувањето на штетите по животната средина. Се планира и користење на обновливи извори на енергија и намалување на употребата на пластика. Освен тоа, за оваа Олимпијада, наместо да се градат нови стадиони, ќе се користи постоечка инфраструктура и времени објекти.

Според наводите, на спортистите ќе им бидат обезбедени балансирани оброци со потребните хранливи материи за оптимални перформанси. Ова вклучува поразновидна храна, протеини, јаглени хидрати и здрави масти. Патем, секоја земја има и свои специфични планови за исхрана за своите спортисти и тимови.

Тоа значи трошење, на пр., на околу три милиони банани и 27 тони кафе.

Пржени компири нема да се служат „поради можна опасност од пожар при користење фритеза“ во простор со голем број луѓе. А пак, авокадото е забрането од еколошки причини...

Најврвните готвачи на Олимписките игри ќе треба да подготвуваат околу 40.000 оброци секој ден, не сметајќи го појадокот, којшто секогаш е на „шведска маса“. Менито на Олимпијадата - во однос на специјалитетите, сепак, ќе биде од повеќе поднебја. Покрај француската кујна, спортистите ќе можат да бираат и меѓу азиска, африканско-карипска и интернационална кујна, пишуваат тамошните медиуми.

Менито го составуваат готвачите Шарл Гилој, Стефан Шишери, Акраме Беналал, Амандин Шено и Александре Мација. Француската кујна ќе биде претставена со вегетаријански гулаш „бургуњон“ и „брандад“ - потпечен солен „бакалар“ во пире од компири. Азија ќе биде претставена со мелено свинско месо со босилек и „басмати“ ориз, како и јадење со карфиол и печен компир со куркума. За африканско-карипското подрачје, позајмени се тн. „мешано-пропржена порција“ - јадење со пиперки, кромид и домати и пржени ракчиња со ароматичен сос од „шермула“. Mеѓу јадењата од интернационалната кујна, изборот е јагнешко во сос од нане и вегетаријанска мусака.  си/ссм/

Фото: Фрипик

Остани поврзан