Меморандум на МОН и ИНОФЕИТ за соработка во унапредувањето на дигиталните вештини на наставниците, со фокус на вештачката интелигенција
- Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје се приклучува кон заложбите на Министерството за образование и наука за унапредување на дигиталните компетенции на наставниот кадар, поттикнување на иновативни педагошки практики и одговорна употреба на генеративната вештачка интелигенција во наставниот процес.
Скопје, 30 октомври 2025 (МИА) - Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје се приклучува кон заложбите на Министерството за образование и наука за унапредување на дигиталните компетенции на наставниот кадар, поттикнување на иновативни педагошки практики и одговорна употреба на генеративната вештачка интелигенција во наставниот процес.
Како што соопшти МОН, двете страни денес потпишаа меморандум за соработка кој предвидува искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови за организирање на обуки за наставникот кадар, како и работилници за развој и примена на иновации во образованието со фокус на генеративната вештачка интелигенција.
МОН и ИНОФЕИТ заеднички ќе учествуваат во проекти и иницијативи од областа на дигиталната трансформација на образованието, а периодично на работни средби ќе дискутираат за прогресот на активностите, ќе договараат континуитет или изменување и дополнување на истите.
На потпишувањето на меморандумот, министерката за образование и наука Весна Јаневска, од една страна и деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски и управителот на ИНОФЕИТ, Димитар Ташковски, од друга страна изразиле задоволство што се воспоставува соработка за јакнење на најважната алка во образовниот процес - наставниот кадар, како и за полесно интегрирање на технолошките иновации во наставата.
До крајот на годината, како што велат од МОН, ќе се организира и првата обука за наставници на тема одговорна примена на вештачката интелигенција за едукативни цели. дма/вј/
Фото: Министерство за образование и наука