• вторник, 24 декември 2024

Меморандум за соработка помеѓу Министерството за социјална политика и Универзитетот „Мајка Тереза“

Меморандум за соработка помеѓу Министерството за социјална политика и Универзитетот „Мајка Тереза“

Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје и Министерството за социјална политика, демографија и млади од денеска имаат Меморандум за соработка како основа за заеднички проекти кои ќе бидат од интерес на студентите, но и на државата.  Меморандумот го потпишаа министерот Фатмир Лимани и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Изет Зеќири. 

Според Лимани, целта на потпишаниот документ е да ги унапреди нивните активности, размена на искуства и заедничка работа од области од стратешко значење. Како што рече, потписите на меморандумот се само почеток, а соработката која следува ќе биде основа за раст и иновации. 

-Очекувам дека оваа партнерска врска ќе биде успешна и дека ќе продолжиме да работиме заедно на нашите заеднички цели, а соработката да придонесе со многу предности, не само за нашите институции туку и за пошироката заедница и сите заинтересирани страни. Меморандумот е потврда за нашата подготвеност за соработка во функција на обезбедување заемна помош, поддршка и услуги при изготвување, раководење и реализација на заеднички проекти, планови, активности, иницијативи што ќе го поттикнуваат локалниот и регионалниот развој, особено во областа на социјалата, политиката, демографијата и младите. Со ова го отвораме патот за долгорочна соработка која ќе резултира со нови можности и успеси, изјави министерот Лимани.  

Ректорот на УМТ Зеќири смета дека нивниот Универзитет, на кој меѓу осумте факултети е и Факултетот за социјални науки, може да придонесе во планирање стратегии за демографија и миграции затоа што има искуство во организирање меѓународни конференции на овие теми. 

-Соработката ќе биде во интерес, пред се, на студентите, но и соработка во различни проекти од областа на демографијата, демографскиот развој, миграцијата. Затоа што Универзитетот „Мајка Тереза“ има традиција на организирање меѓународна конференција за миграција на која учествуваат и внатрешни и надворешни експерти и трудовите што ги презентираат можеби се од интерес за Министерството за креирање стратегија за демографскиот развој на државата итн., рече Зеќири. хс/ев/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан