Медиумска одржливост – предуслов за демократска отпорност во Југоисточна Европа
- Брату потенцираше дека медиумите и новинарите се основни компоненти на секое демократско општество, при што посочи: - Тие не се непријатели, туку столбови на информирано граѓанство. Медиумите обезбедуваат факти, промовираат отчетност и овозможуваат јавна дебата.
Сараево, 29 мај 2025 (МИА) - „Оваа конференција стана клучна регионална платформа, место за дијалог, споделување на наученото и колективна акција. Оваа година, нашата тема е ‘Зајакнување на медиумската одржливост за информирани и отпорни општества’, што ја нагласува клучната улога на одржливите медиуми во зајакнувањето на демократијата и општествената отпорност“, истакна Јан Брату, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, на отворањето на Десеттата Конференција за медиуми во Југоисточна Европа (SEEM), што денеска започна во Сараево.
Брату потенцираше дека медиумите и новинарите се основни компоненти на секое демократско општество, при што посочи:
- Тие не се непријатели, туку столбови на информирано граѓанство. Медиумите обезбедуваат факти, промовираат отчетност и овозможуваат јавна дебата. Сепак, денес сме сведоци на зголемени ризици за безбедноста на новинарите, особено кога известуваат за чувствителни теми од јавен интерес. Обезбедувањето на нивната безбедност е прашање од јавен интерес, истакна Брату.
Тој укажа дека новинарите во регионот на Југоисточна Европа се соочуваат со физички и онлајн напади, правен притисок и економски предизвици, што ја загрозува нивната способност да работат слободно и независно.
Особено внимание Брату посвети на прашањето на финансиската одржливост на медиумите:
- Без економски стабилни и институционално силни медиуми, ризикуваме да изгубиме пристап до независни и разновидни извори на информации. Ова може да доведе до поларизација, намалена доверба во демократијата и ерозија на плурализмот.
Конференцијата, додаде тој, е фокусирана на економијата на новинарството од јавен интерес во ерата на големите технолошки компании и вештачката интелигенција, како и на иднината на јавните медиумски сервиси во регионот.
- Како Претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, мојата улога е да набљудувам, предупредувам и да им помагам на државите-членки да ги исполнат своите обврски за слобода на изразување и медиуми. Мора да работиме заедно за да создадеме средина каде новинарите можат да работат без страв, а медиумите да напредуваат независно. Тоа е од суштинско значење за нашите демократии и за сеопфатната безбедност, заклучи Брату.
На отворањето на конференцијата учесниците ги поздрави и Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, кој ја истакна улогата на медиумите во процесот на евроатлантски интеграции на земјата:
- Слободата на медиумите е клучна за демократскиот развој на Босна и Херцеговина и за нашиот пат кон евроатлантските интеграции. Медиумите се соочуваат со предизвици како економска нестабилност и политички притисоци, но тие се од суштинско значење за транспарентност и отчетност. Во време на дезинформации и хибридни закани, уште поважно е да се поддржат независните медиуми, изјави Конаковиќ.
Главниот говор во претпладневниот дел го одржа Ајнар Холиен, виш советник и уредник во норвешката медиумска групација Schibsted, кој зборуваше на тема „Зошто вреди да се инвестира во медиумска одржливост“.

- Инвестирањето во медиумската одржливост не е само економско, туку и општествено прашање. Без финансиски стабилни и независни медиуми, ризикуваме губење на довербата во институциите и слабеење на транспарентноста, истакна Холиен.
Тој објасни дека во Schibsted, медиумската одржливост се сфаќа како одговорност кон читателите и општеството. Нивните брендови – VG, Aftenposten и Aftonbladet – секојдневно достигнуваат до милиони луѓе, а инвестициите во технологии, иновации и заштита на новинарите се суштински за градење доверба.
Како пример, Холиен ја спомена инвестицијата во подкаст платформата Podme, која сега е целосно во нивна сопственост и овозможува развој на нови модели за приход преку премиум содржини. Дополнително, партнерството со OpenAI придонесува за интегрирање проверено новинарство во новите технологии.
- Еден од главните предизвици за медиумите денес е економската одржливост во услови на конкуренција од големите технолошки компании. Работиме на диверзификација на приходите преку претплати, реклами и иновативни производи како ‘Full Tilgang’, што овозможува пристап до повеќе услуги. Таквите модели обезбедуваат финансиска стабилност и ни овозможуваат да продолжиме со новинарство од јавен интерес, посочи тој.
Холиен додаде дека инвестирањето во одржливост значи и поддршка на новинарите преку обуки и заштита од онлајн и физички закани. Во регионот на Југоисточна Европа, каде медиумите често се под политички притисок, овие инвестиции се особено важни за зачувување на независноста.
„Инвестирањето во медиумската одржливост не е луксуз, туку нужност. Без силни медиуми, нема силни демократии. Ние сме посветени на долгорочни модели што обезбедуваат финансиска стабилност и доверба. Ги повикувам сите чинители – владите, приватниот сектор – да се вклучат во оваа мисија. Заедно можеме да изградиме медиумски екосистем што е отпорен, независен и способен да се справи со идните предизвици, заклучи Холиен. ссм/
фото: МИА